Вучиќ: Со ЕУ градиме брза пруга до С. Македонија

од Nikola Popovski
247 прегледи

Српскиот претседател Александар Вучиќ по состанокот во Брисел со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел најави дека Србија со поддршка на Европската Унија ќе гради брза пруга од Белград до границата со С. Македонија.

„Добивме поддршка дека ќе градиме брза железница од Белград до Ниш, и преку Ниш, Врање, Лесковац до Прешево, до границата со С. Македонија, што ќе биде голема промена. Србија ќе изгледа 100 процентно поразлично“, рекол Вучиќ, додавајќи дека тоа ќе биде важно не само за Србија, туку и за Европа и за сите оние што ќе патуваат низ Србија.

Вучиќ не кажа кога ќе биде потпишан договорот и колку ќе чини. Како што објасни, тој сè уште не го знае тоа. Тој ги повика претставниците на ЕУ во меѓувреме да дојдат во Србија.

Покрај овој инфраструктурен проект, Вучиќ разговарал со Борел и други претставници на ЕУ за дијалогот помеѓу Белград и Приштина.

Претходно денес, Вучиќ разговараше со претседателот на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, и синоќа со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.

За попладне е закажана средба со известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Белчик, а Вучиќ ќе ја заврши посетата на Брисел со работна вечера со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Фон дер Лајен по средбата со Вучиќ денес објави дека Србија треба да го продолжи „позитивниот развој“ во областа на владеењето на правото и дека Европската унија (ЕУ) е подготвена да ја поддржи железничката врска меѓу Белград и С. Македонија.

Таа изјави дека разговарала и со Вучиќ за борбата против Ковид-19, економското закрепнување и дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Слични содржини