Вучиќ го предложи Мацут за мандатар: Може ли доктор да ја „излечи“ Србија?

„Дијагноза - криза“: Каков „рецепт ќе препише“ новиот српски мандатар кој е лекар по професија?

од Nikola Popovski
55 прегледи

Во најдлабоката политичка и општествена криза, откако Александар Вучиќ раководи со Србија и стотици илјади луѓе излегоа на улиците, а ширум земјата никнаа блокади на институции и установи, претседателот на Србија го објави името ендокринологот Ѓуро Мацут, кој, судејќи според неговата официјална биографија, нема политичко искуство за премиер. Вучиќ непосредно пред објавувањето на новиот мандатар зборуваше за тоа дека земјата е под невидени внатрешни и надворешни притисоци, а потоа го изнесе името на Мацут кој е голем, светски експерт во областа на ендокринологијата. И додека дел од тамошната јавнос бараше експертска Влада, Вучиќ реши да донесе експерт, само од област која нема никаква врска со водење на државата. Оттаму се поставува прашањето дали Мацут може да ја излечи српската политичка криза или ќе постави погрешна дијагноза?

Дел од српските аналитичари со кои поразговара „Локално“ велат дека Мацут е ново и прилично неискусно лице во српската политика, што создава одредени сомнежи во однос на неговиот капацитет да се справи со растечката социјална и политичка криза што ја потресува земјата во последните пет месеци. Според политичкиот аналитичар, Марко Матиќ, пред неговата влада ќе бидат доста тешки задачи, а успехот во нивното решавање ќе зависи и од составот на новата влада и од поддршката што ќе ја ужива од владејачката СНС и Вучиќ.

-Во секој случај, изборот на нов кабинет претставува само првиот чекор во решавањето на проблемите што ќе треба да се решат со темелна реформа на целиот политички систем на земјата, истакнува аналитичарот.

Марко Матиќ

Дел од тамошната опозиција обвини дека Мацут бил на платен список на УСАИД пред осум години, а Вучиќ имаше критки кон организацијата. Според Матиќ, со оглед на тоа што во Србија беше спроведена кампања против УСАИД од страна на дел од јавноста и дека во таа прилика беше покрената официјална истрага на Обвинителството, идниот премиер ќе треба да ги објасни своите врски со таа организација и целта на средствата што ги добивал од УСАИД.

-Не би било добро овој случај да остане нерасчистен и новата влада да го започне мандатот оптоварена со оваа афера без соодветен институционален епилог. Ова може дополнително да ја усложни нејзината работа и да ја продлабочи постојната институционална и политичка криза со која се соочува Србија, оценува соговорникот од нашиот северен сосед.

Александар Вучиќ повторува дека преодна влада не доаѓа во предвид, иако незадоволството на народот, разбудено од студентите, со месеци тлее по улиците и патиштата во Србија. Најави дека новата влада ќе биде избрана најдоцна до Велики петок, велејќи дека ја очекуваат предизвици – од одбрана на националните интереси до продолжување на евроинтеграциите. Според него, клучните задачи ќе бидат справување со регионалните притисоци, решавање на даночните прашања со САД и враќање на довербата на странските инвеститори.

-Верувам дека Мацут има капацитети – стручност, посветеност и лични квалитети – за успешно извршување на функцијата премиер, изјави Вучиќ. Тој додаде дека новата влада ќе треба да обезбеди стабилност, толеранција и мир.

„Српскиот претседател се обидува да купи време за да остане на власт предлагајќи претставник кој нема да избира министри, нема да води владина политика и нема да носи одлуки. Се, како и досега, ќе работи самиот Вучиќ, со логистичка поддршка на неговиот брат и кумовите. Таквата Влада на Србија ќе биде уште една форма на апсолутна власт на Вучиќ, лишена од легитимитет, контрола и одговорност“, изјави еден од лидерите на тамошната опозиција Драган Ѓилас. Коментирајќи го изборот на Мацут, тој смета дека станува збор за личност без политичко искуство и искуство во управување со системи, кој своевремено се потпишал како поддршка за листата на СНС и зборувал на партиски митинзи.

Поранешниот претседател на Србија и лидер на Социјалдемократската партија, Борис Тадиќ, оцени дека уште еден доказ за лудоста и неодговорноста на српските власти во моментот на ваква политичка криза и драматични превирања во земјата е да се стави на чело на владата човек чија единствена референца се од областа на ендокринологијата.

-Можеби Мацут можеше да биде избран на чело на научна или здравствена установа, но секако дека неговите сознанија за полицистичните јајници не се референца за водење на Владата, за што е потребна сосема друга стручност, пред се политичка, рекол Тадиќ, коментирајќи го предлогот за нов мандатар.

Мацут е роден во Белград, каде што дипломирал на Медицинскиот факултет и каде што завршил специјализација по интерна медицина, специјализација по ендокринологија и ја одбранил докторската дисертација. Специјализацијата по репродуктивна медицина ја завршува во организација на Универзитетот во Женева и Светската здравствена организација.

Тој беше претставен пред пошироката јавност на собир во Јагодина, по повод основањето на Движењето за народот и државата. Мацут и стана познат на српската јавност откако одржал предавање пред студентите во Пионерскиот пар во Белград. Тој во таа прилика рекол и дека се надева оти наскоро ќе се вратат на факултетските клупи и истакнал дека политиката не треба да биде дел од универзитетот.

„Сè уште нема точен датум за поднесување на експозето, но секако се очекува до дефинираниот и законски предвиден рок, 18 април“, рекол пред неколку дена мандатарот на новата српска влада.

Н.П.

Слични содржини