Вучиќ: Или ќе се прифати договореното од 2013 и 2015 година, или ова е крајот

од Vladimir Zorba

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по средбата со премиерот на Косово, Албин Курти, изјави дека е јасно оти Приштина не сака да ја исполни својата обврска за формирање Заедница на српски општини, како и дека Курти го отфрлил предлогот на ЕУ за надминување на кризата по изборите на северот на Косово, кои Србите ги бојкотираа.

„Имавме тешки состаноци и би рекол дека сум многу загрижен, бидејќи за клучното прашање за формирање на ЗСО, јасно е дека Приштина не сака да ја исполни својата обврска од пред десет години“, изјави Вучиќ пред новинарите по новата рунда дијалог под покровителство на ЕУ во Брисел.

„Денеска првпат стигнавме до ѕидот и беше јасно од моментот кога беше претставен драфтот на Менаџерскиот тим“, изјави Вучиќ.

Тој рече дека претставниците на Приштина повториле дека таква ЗСО не е во согласност со уставот на Косово и дека не сакаат Република Српска во Косово.

„Сите членови од Статутот јасно се однесуваат на претходно договорени членови од 2013 и 2015 година. Нема ниту една точка во која се разговара за нешто што не е веќе договорено и не е веќе потпишано“, подвлече Вучиќ.

Тој рече и дека вечерва разговарале за актуелната ситуација по, како што рече, „срамните и нелегитимни“ избори на северот на Косово и дека ЕУ излегла со свој предлог кој тој го прифатил, но Приштина го одбила.

„Се надевам дека разговорите ќе продолжат и дека и покрај тоа што дојдовме до ѕид, ќе можеме да најдеме решенија во иднина. И двајцата мораме да правиме компромиси и отстапки. Во 2015 година јас и Мустафа ги потпишавме принципите, сега се откажуваат, велат ниеден од нив не може. Или ќе се прифати она што беше договорено во 2013 и 2015 година или ќе биде крај на се. Некој мора да го разбере тоа“, рече тој.

Вучиќ го поздрави усвојувањето на Декларацијата за исчезнати лица и вети дека Србија ќе ја пребарува секоја локација каде што Албанците од Косово изразуваат сомнеж дека таму се останките на нивните најблиски, но подвлече дека Белград го очекува истото од Приштина.

Претседателот на Србија предупреди дека кога нема договор се радуваат и екстремните Албанци и екстремните Срби.

Вучиќ на албанските новинари од Косово им кажа и дека Србија направила бројни грешки во минатото, но дека се плаши дека Приштина не само што не научила ништо од тие грешки, туку ги прави на уште погруб начин.

Слични содржини