– Тукушто се вратив од Европа. Патувањето беше извонреден успех за Америка. Многу работа, но големи резултати“ – Доналд Трамп, во неделата наутро.
Веќе четири месеци Белата куќа не испраќаше претставници во Европа, не ги извршуваше сите дипломатски назначувања и не даваше сигнали дека воопшто тоа ќе го стори.
Оние ретките, меѓу кои беа и вицепретседателот и министерот за одбрана, прелетаа преку океанот со пораки за смиреност. Тие ја потврдуваа обврзаноста на Америка со НАТО, зборуваа за стари врски и стари сојузи, алудираа и навестуваа дека ништо не се сменило.
Европејците ги слушаа и се правеа дека им веруваат. Да, но откако го слушна потпретседателот како во февруари во Минхен зборува, еден од нив ми рече: „Сето тоа е вистина до следното постирање на вашиот човек на Твитер“. Во само два дена и самиот претседател стави крај на месеците несигурност, и тоа без да испрати твит. Сега знаеме: оние кои беа испратени не беа веродостојни и всушност се се смени.
Што всушност се случи во Италија и Белгија? Откако изјави во Саудиска Арабија дека нема да им држи „лекција“ на арапските лидери за правата на човекот, Трамп пристигна во Брисел и започна да им држи лекции на најблиските сојузници на Америка, обвинувајќи дека должат „маса пари“ на НАТО и на американските даночни обврзници. Тоа не беше многу паметно: НАТО не е клуб со годишни членски книшки како Мар а Лаго. Тоа всушност конечно беше јасен знак за нешто кое многумина цело време го претчувствуваа: дека Трамп претпочита друштво на диктатори, кои му ласкаат, пред демократи кои се однесуваат со него како рамен на нив.
Два-три часа подоцна, на средба за трговијата, Трамп се пожали дека Германија „е лоша“ заради „милионите автомобили кои ги продава во САД“, и изгледа сакаше да го ревидира американскиот трговски договор со таа земја. Германските компании впрочем произведуваат „милиони автомобили“ во САД – точно онолку колку и продаваат. Само што коментарите недвосмислено покажаа дека времињата кога САД беа водечка сила во светот во областа на трговијата исто така се минато.
Во ниту еден миг претседателот изгледа не ја сфати својата улога на водач на сојуз. Подложен на притисок да прифати ангажман по договорот за климатските промени, тој напиша на твит: „Ќе донесам конечна одлука за Парискиот договор следната седмица!“, како да станува збор за телевизиски серијал при што ги држиш гледачите во тензија за да продолжат да го следат. Докажувајќи дека продолжува да гледа на светот преку очите на градежен претприемач, Трамп му се пожали на белгискиот премиер од европските регулативи кои ја забавиле изградбата на еден од неговите терени за голф. Пред снимката од средбата на врвот на НАТО, Трамп го истурка премиерот на Црна гора за да застане напред како што прават славните личности со грубијански манири.
Во ниту еден момент претседателот не покажа ниту знак дека сфаќа какви се ставените прашања на маса. Во својот говор во НАТО тој не го спомена член 5 – клаузулата која ги ангажира членките на Алијансата взаемно да се бранат ако бидат нападнати. Подоцна тој изјави дека неговото патување ќе поплочи пат за „мир преку сила“ иако беше јасно дека нема претстава што всушност значи таа фраза искористена од Роналд Реган во 80-ите години: „Ќе имаме многу сила и ќе имаме многу мир“, објасни тој.
По завршувањето на визитата, помошниците на претседателот се втурнаа да објаснуваат што сакал претседателот да каже. Советникот за национална безбедност, Херберт Мекмастер, веднаш изјави дека Трамп го поддржал член 5. Но овој пат никој не покажа дека му верува.
Како резултат на претседателското патување, американското влијание во Европа, кое отсекогаш се реализирало преку билатерална трговија и воени сојузи, е во најнестабилна ситуација која досега сме ја виделе. Американско-германските односи, јадрото на трансатланското сојузништво повеќе од 70 години, штотуку допре ново дно. Во неделата, германската канцеларка изјави пред партиски симпатизери дека Германија повеќе не може да зависи од Америка, имајќи ги предвид за неа добиенте „впечатоци од изминатите неколку дена“. Руската влада, која одамна се обидува да ги истера САД од континентот, е на врв на радоста – на една руска телевизија беше објавено дека Трамп го претворил НАТО во „куќа од карти“.
– Голем успех за Америка? Ако тоа е „успех“, не сакам ни да видам како ќе изгледа неуспехот.
Вашингтон пост – Вашингтон