За ДКСК назначувањето на Рамадани за директор на МЕПСО, е судир на интереси

од Берта Китинска

Постоењето на непотизам при вработувањата во јавниот сектор, се почестена злоупотреба на функцијата в.д. директор, непродуктивни буџетски трошоци, немањето на основни услови за работа на Антикорупциската комисија се дел од точките на ранливост во нашиот систем на кои алармираше претседателката на комисијата Билјана Ивановска во својот говор по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата во Утрински брифинг.

Последно, Антикорупциска даде мислење за постоење на судир на интереси во назначувањето на Куштрим Рамадани за нов директор на МЕПСО.

Ивановска изјави дека се поставува прашањето како директорот пред да помине законскиот период од две години ќе ја застапува енергетската компанија пред регулаторната комисија каде што вршел јавни овластувања по предмети и за кои што каде службено лице учествувал во донесување на одлуки.

-Секоја институција е одговорна за своето постапување и во неодамнешниот извештај на ЕК јасно беа нотирани две клучни препораки – надлежните авторитети треба да ги имплементираат препораките на ДКСК и дека треба да се обезбедат средства за непречено функционирање на комисијата. Затоа и велам, добро е да се дебатира, да се отвораат овие дискусии, да се споделуваат мислењата и политичките одлуки треба да бидат засновани на принципиелни законски ставови, смета Ивановска.

Во врска со изјавата на претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска дека постои судир на интереси во назначувањето на Куштрим Рамадани за нов директор на МЕПСО, премиерот Зоран Заев за Утрински брифинг вчера изјави дека според него нема ништо спорно во тоа.

-За МЕПСО ниту член 47, ниту член 48 од Законот за антикорупција дава ограничување на еден ваков експерт кој од регулаторна комисија е поставен за директор. Таму се вели ако регулаторна е контролно тело. Контролно тело на МЕПСО е надзорниот одбор, па Државниот завод за ревизија. Јас бев на состанок со ДКСК образложувајќи ги 47 и 48. Влеговме и во матичниот Закон за енергетика и апсолутно тврдам дека нема никакви ограничувања, рече Заев.

Слични содржини