Забраната за увоз на отпад пред пратениците, Поповска се надева на ветената поддршка

од Aleksandar Todeski
410 прегледи

Пратениците на денешната седница ќе одлучуваат дали со измените во Законот за управување со отпад, ќе се забрани увоз на отпад во земјава како извор на енергија, односно отпад кој согорува.

Законот е поднесен по скратена постапка, а подносители на овие измени се лидерката на ДОМ, Маја Морачанин и пратеничката од партијата, Лилјана Поповска. Законот е ставен како 19 точка на седницата, а пратеничката Поповска се надева дека со ветеното мнозинство истиот ќе биде изгласан.

„Очекувам Законот да ги добие ветените гласови од пратениците и се надевам дека претседателот на Собранието нема да ја прескокне точката од дневниот ред. Се покажа дека треба да го донесеме овој Закон, еве гледате директорот на „Дрисла“ е вмешан во истрага за увезен отпад од Италија во Бугарија. Јас сметам дека ние би требало на време да го донесеме овој Закон“, вели пратеничката Поповска во изјава за Локално.

Во меѓувреме, Град Скопје по двегодишна борба ја доби „Дрисла“ во свое владение, а беше разрешен и директорот, осомничен од бугарското обвинителство, Горан Ангелов. Ангелов пак, вчера преку Фејсбук рече дека немал никаква одговороност околу отпадот во Бугарија.

„Отфрлам секаква одговорност околу отпадот кој се наоѓа на безцаринските зони во пристаништата Бургас и Варна. Не сум увозник нити нарачател на тој отпад и јас разбрав за тој отпад од бугарските медиуми. Горан Ангелов е косопственик во фирмата Балзион со влог од 15%, но не сум управител ниту директор на истата. Сите Бугарски медиуми соопштија дека станува збор за неопасен отпад, а врз основа на анализите направени изминативе два дена од соодветните Бугарски институции (МВР, Обвинителство, Министерство за екологија). Вистината ќе ја види светлината на денот“, рече Ангелов.

А.Т.

Слични содржини