Вонредната состојба значи повеќе можности за Владата да се справува со коронавирусот и со економските последици. Во однос на начинот на функционирање на државата и општеството, вонредната состојба сама по себе не воведува нови ограничувања за граѓаните, пишува лидерот на СДСМ, Зоран Заев на Фејсбук.
Тој посочи дека додека не се донесат нови мерки од Владата, сѐ останува исто во поглед на секојдневниот живот.
„Маркетите и натаму ќе работат, компаниите исто така, а институциите непречено ќе ги извршуваат сервисите. Во овој момент нема нови ограничувања на движењето на граѓаните. Во услови на вонредна состојба, Владата добива и законодавна и извршна власт. Со тоа се олеснува нејзината работа во време на кризи и може да носи одлуки многу побрзо и поефикасно за добро на граѓаните, односно да управува со ресурсите на државата“, истакна Заев.
Тој ја поздрави иницијативата на Владата, како и одлуката на Претседателот Стево Пендаровски за прогласување вонредна состојба.
„На сите нас останува да се придржуваме до мерките и препораките на институциите, со цел побрзо надминување на состојбата предизвикана од коронавирусот“, вели Заев.