Премиерот Зоран Заев од Штип им порача на граѓаните дека Договорот за добрососедство со Бугарија отвора сериозна перспектива, а тој, како упатен политичар „нема да дозоволи влакно да и фали на Македонија“.
Заев одговори на прозивките за тајноста на расправата за овој договор и објасни дека договорот ќе се смета за склучен, откако ќе го ратификува Парламентот.
– Нешто што не е потпишано, треба внатрешно, затворено, да се разговара. Преминуваме на следна фаза на дискусија во Владата. После сите сугестии кои што ќе ги добиеме од експертската јавност, од Парламентот и Владата, се надевам дека ќе дојде до склучување на договорот. Тоа зависи од двете страни. Ние нашите позиции ги градиме и потписот на Заев е дел од процедурата која што тече – изјави премиерот.
Тој потсети дека конечната одлука сепак ќе биде на Собранието на Република Македонија.
– Парламентот на крајот гласа, ако е нешто на штета на Македонија, нашиот парламент има директна одговорност кон граѓаните и да не се плашиме. Ако е нешто добро, парламентот ќе гласа. Јас како упатен политичар, којшто и понатаму бара поддршка од граѓаните, нема да дозволам влакно да и фали на Македонија, во нејзините перспективи – рече Заев, според кого овој договор затвора значајно поглавје со Бугарија.
Во придружба на министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, премиерот Заев се сретна со конфекциските работници, синдикатите и сопствениците на конфекциите. Од Штип ја најави новата владина мерка за државна субвенција за годишен одмор за 35.000 работници со ниски примиња.
Државата ќе финансира ноќевање и појадок за најниско платените 35.000 граѓани.
– На овој начин ќе се стимулира и продолжување на туристичката сезона. Наместо како досега да плаќаме субвенции за странци, ќе плаќаме одмор на наши граѓани која би можела да стартува од крајот на август или почетокот на септември – рече премиерот Заев./Мета