Заев: Фирмите кои ќе ја користат мерката од 14.500, и да покажат добивка нема да ја вратат помошта

од Берта Китинска

Средствата кои Владата заедно со Светска банка ги обезбеди за компаниите и за работниците се за спас на многу работни места. За да можат да аплицираат фирмите, да ги искористат средствата и со тоа да спречи губење на многу работни места, обезбедена е флексибилност во условите за користење на мерките, напиша на својот Фејсбук профил.


Тој напомена дека најпогодените сектори од кризата со коронавирусот, како угостителството, туризмот и транспортот покрај 14.500 по вработен, добиваат поддршка и од 50% од придонесите за април и мај.

„Фирмите кои ќе ја користат мерката помош од 14.500 по вработен, дури и да покажат добивка за 2020 година, нема да ја вратат помошта што ја добиле од Владата, но под услов истата сума на пари да ја инвестираат во развој на сопствената фирма во текот на 2021 година.

Фирмите можат да ги користат сите мерки на Владата, исклучиво доколку не спроведат отпуштања од поголеми размери, односно доколку евентуалните отпуштања не се поголеми од 5%, 10% или 15 % соодветно за големи, средни, мали или микро фирми.

Ударот врз економијата е голем, но ќе успееме да ги заштитиме работниците. Во најтешкиот месец, април, нови невработени се 6800 граѓани од вкупно 800.000 вработени граѓани.Со обезбедувањето флексибилност во користењето на мерките, сигурен сум дека оваа бројка на новоневработени во следниот период ќе биде уште помала, а во меѓувреме ќе активираме нов погон за македонската економија и преку креативни и храбри чекори ќе обезбедиме создавање нови работни места. За сите квалификувани работници сигурен сум дека лесно ќе се најде работно место на пазарот на трудот.

За оние кои заради околностите ќе останат без работа, владата преку друга мерка обезбедува 50% од просечна плата што ја земал граѓанинот, преку системот на социјална заштита.Владата предводена од СДСМ се грижи за сите и преку пакет различни мерки за различните категории граѓани, преку иницирање солидарно однесување во општеството, ќе направиме се ударот од кризата да биде најмал. За ова охрабруваат и денешните проекции на Светска банка, според кои се проценуца дека Северна Македонија најдобро ќе се справи со економскиот удар од кризата од сите земји во регионот“, напиша Заев.

Слични содржини