Премиерот, Зоран Заев, ги повика Македонците кои живеат во Албанија да ја поддржат Социјалистичката партија на премиерот Еди Рама на претстојните парламентарни избори на 25 април.
Заев изјави дека Македонецот Васил Стерјовски е на изборната листа на Социјалистичката партија на Еди Рама и дека пред две години станал првиот Македонец во парламентот на Албанија, пренесува „БТА“.
Според пописот од 2011 година, околу 6.000 Македонци живеат во Албанија, но некои невладини организации велат дека бројот е поголем.
Претседателот на Централната изборна комисија во Албанија, Илирјан Челибаши, денес потврди дека граѓаните заразени со коронавирус нема да можат да гласаат на општите избори на 25 април, наведувајќи дека тоа е пропишано со закон.
„Законот пропишува дека мора да се дојде на избирачкото место за да се гласа. Оние кои се во изолација поради Ковид-19 нема да можат да гласаат и ние ќе го почитуваме тоа“, рекол Челибаши, пренесува „БТА“.
Сепак, критичарите сметаат дека со тоа се крши Уставот, кој му гарантира право на глас на секој возрасен Албанец и дека не постои закон со кој се ограничува тоа право на луѓето кои се заразени со Ковид-19.