Моите деца и моето семејство ми се светост како што му се светост на секој граѓанин веројатно децата и семејството и нема да дозволам влакно да им фали на главата како што нема да дозволам да фали влакно на главата на кој било граѓанин. Должен сум прво како родител, потоа како претседател на Владата да ги преземам сите мерки на претпазливост, истакна денеска премиерот Зоран Заев.
„Ги слушнав заканите. Секако не верувам дека нешто ќе се реализира. Лично не верувам во организација на такви закани. Веројатно може да се случат такви закани под дејство на алкохол, под дејство на не знам какви не мотивации во каков било амбиент. Немам време многу да размислувам околу нив, но гледам мојата мајка, мојата сопруга моите деца размислуваат. Нормално мерките на претпазливост се преземени“, рече Заев.
Тој потенцира дега нему му е многу важна вистината и додаде дека судскиот процес треба да заврши со разрешница, да ги утврди сите вистини и да ја испорача казната за секој што се огрешил и го прекршил законот зашто, како што кажа, будното око на јавноста е сериозно насочено во случајот и очекува негова разрешница.
„Самиот судски процес треба да заврши со разрешница, да ги утврди сите вистини и да ја испорача казната за секој што се огрешил и го прекршил законот. Вистината излегува вака или онака. Најголемата вистина граѓаните ја очекуваат токму преку судскиот процес, да се знае точно што се случува, доказите што покажуваат и судот да донесе пресуда заради тоа што ова е еден од случаевите во коишто јасно се нотира решителноста на извршната власт да се врати правната држава, посочи Заев.
Ова, додаде, е сериозен случај што може да нанесе политички штети врз одредени политички субјекти и врз извршната власт.
„Но, извршната власт е таа која што обезбеди независност и целосна растовареност на правосудството. Обвинителство и судство да истражуваат и да собираат докази и да судат. Тоа е сериозна порака и до ЕУ дека работите во Република Северна Македонија се променети. Законот важи еднакво за сите без разлика дали тоа е обвинител, дали е газда на медиум, дали е некој бизнисмен или слично и така мора да остане. Тоа е само почеток. Јас верувам дека во иднина ќе има сериозни конкретни случаи преку кои правосудството ќе ја враќа својата доверба пред граѓаните“, потенцира Заев.
На „Јутјуб“ денеска беа објавени девет нови „бомби“ во кои се слуша како лице се заканува по животот на децата на премиерот Заев. Заканите доаѓаат од лице за кое се претпоставува дека е бизнисменот Орце Камчев.