Заев и Гаши на нова средба, за Груби „Алтернатива“ е добредојдена во владата

од Берта Китинска

Нова средба на премиерот Зоран Заев и лидерот на Алтернатива Африм Гаши за влез на оваа партија во Владата се очекува да биде остварена во текот на неделава .

Во медиумите по средба која се одржа во понеделникот беше објавено името на Беким Сали како можен наследник на министерот за здравство Венко Филипче. Воедно според информациите покрај ова министерско место од партијата која е на чекор да биде дел од власат била побарана и вицепремиерска позиција.

-Моментално ги финализираме принципите на заедничкото владеење и програмските определби. Потоа следува делот за ресорите и кадровската политика, вели во изјава за Локално, портпаролот на Алтернатива, Орхан Муртезани.

Од партијата велат дека засега не е разговарано за позициите кои треба да ги има Алтернатива во идната влада.

-Што се однесува до позициите кои треба да ги има Алтернатива во идната власт, до овој момент нема никакви понуди ниту пак барања од наша страна, вели Муртезани.

По средба владината прес-служба соопшти дека тие постигнале „начелна согласност за програмскиот дел од можната идна соработка, изразена преку политичко и извршно учество на Алтернатива во Владата“.

-Започнаа разговорите за преземање и споделување одговорности во интерес на граѓаните и државата, пришто се разменија мислења околу можните кадровски решенија кои треба да ги преземат потенцијалните обврски и одговорности, односно за соодветните позиции, министри, заменици министри и други раководни лица во рамки на централната власт, стои во соопштението на владата.

За првиот вицепремиер Артан Груби, Алтернатива е добредојдена во власта.

Локалните избори не се поврзани со централната власт, а владејачкото мнозинство е стабилно, вели Груби, кој додава дека се направени многу чекори да се води земјата напред, а Зоран Заев бил клучниот човек што ја унапредил европската перспектива на Македонија.

Според Груби, Алтернатива е добредојдена во власта затоа што веќе била дел од плодна и продуктивна коалиција со СДСМ и ДУИ, а партијата има слични гледишта како владините партнери, меѓу кои најважна е нејзината желба за европско интегрирање на земјава.

 

 

Слични содржини