Заев: Можно е да се постигне решение со Бугарија до јуни

од Берта Китинска
143 прегледи

Можно да се постигне решение со Бугарија до јуни и оваа година да има прва меѓувладина конференција, изјави премиерот Зоран Заев, во гостување на Канал 5.

Премиерот нагласи дека македонските јазик и идентитет не може да бидат на маса. За тоа, како што рече, никаде во светот не се преговара. Историјата, вели, не може и не смее да биде пречка. Најважно е каква историја ќе напишеме сега ние за идните генерации.

Тој додаде дека делот на историјата може да се разработи на елегантен начин, со тоа што ќе се покаже дека во еден период навистина сме имале заедничка историја помеѓу двата народи и држави.

„Тоа е формулацијата и во Договорот за соработка со Бугарија. И тука треба да застанеме. Притоа никој не бега од историјата. За тоа што е историја постојат документи насекаде. Зарем јас и Борисов или Захариева и Османи сме поупатени од експертите, од историчарите. Тие Ќе го најдат решението. Ние сме тука да ги охрабриме“, рече Заев.

Решевањето на проблемот со Бугарија, како што вели, треба да биде билатерално.

„Ние треба да го решиме проблемот со Бугарија. Европа е тука, стратешките партнери САД се тука секогаш да ни дадат совет, да помогнат. Договорот со Бугарија го постигнавме билатерално. Договорот со Грција го постигнавме билатерално“,   рече Заев.

Тој најави дека разговорите меѓу двете земји ќе продолжат по завршувањето на изборите во Бугарија во недела.

„Јас верувам дека постои решение. Јас сум човек кој постигнал договори кои не биле среќна околност за сите, ама денеска станаа реалност за сите и ги отворија сите перспективи на иднината на генерациите што доаѓаат. Но знам и да кажам не.,“изјави Заев.