Заев на Самитот на „Економист”: Спроведуваме политики кои обезбедија стабилност и раст и во услови на Ковид

од Берта Китинска

Со обраќање на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев започна Самитот на Западен Балкан во организација на лондонски „Економист” (The Economist).

Тема на Самитот е „Унапредување на европската инклузивност и солидарност”, а на првиот, премиерски панел на тема „Западниот Балкан во пост-ковид светот: Кој е вистинскиот пат до стабилност и просперитет?”, покрај премиерот Заев со свои излагања говорат и премиерот на Република Косово Албин Курти, вицепремиерот на Република Црна Гора Дритан Абазовиќ, и вицепремиерот на Република Албанија Арбен Ахметај.

Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев на Самитот на Западен Балкан во организација на лондонски „Економист” во целост:

„Владата на Северна Македонија посветено работи на економскиот развој на државата, на отворање нови и подобри платени работни места, преку нови вложувања од нов карактер и фер пазарни услови за инвестирање, како за домашните, така и за странските инвеститори.

Во таа смисла, нашите заложби за креирање предвидлив деловен амбиент, воспоставување на механизми за владеење на правото, водење на стабилни економски политики и креирање поволни услови за инвестирање, се веќе потврдени.

Новите инвестиции ја зголемуваат економската активност во државата. Кризата одминува и економијата постојано заздравува, се стабилизира и ветува пораст во блиска иднина.

Имено, благодарејќи на растот од 5,6 проценти во првото полугодие, односно 13,1 проценти само во вториот квартал од оваа година, неодамна и Светската банка ја зголеми прогнозата за растот на БДП на Северна Македонија во 2021 година, од 3,6 на 4,6 проценти.

Нашите проекции за оваа година се дека растот може да надмине 4,1 процент, со очекувања дека извозот ќе забележи раст од 10,6 проценти, а бруто-инвестициите раст од 8 проценти.

Стапката на вработеност, од крајот на 2020 година до денес, повторно расте, со темпо како и пред пандемијата, со забележен раст од 1,5 проценти во последните три квартали.

Невработеноста сега е на ниво од 15,9 проценти, што е најниско ниво во поновата македонска историја. Таа е намалена за 4,8 проценти споредено со истиот период од 2020 година.

Дополнително, согласно официјалните статистички податоци, просечната нето-плата во државата континуирано расте. Така, во месец јуни 2021 година, просечната нето-плата по вработен изнесуваше 28 784 денари, или нешто повеќе од 460 евра.

Но, и покрај видливите знаци за оптимизам за блиска иднина, во економијата нештата можат да се променат многу брзо. Во последно време Европа, а и целиот свет ги зафаќа страв од инфлација, којашто е резултат на структурни и слични поместувања во пост-ковид периодот, но и високата и нестабилна цена на електричната енергија.

Таквите движења може да бидат „увезени” и во Северна Македонија. Ние сме на отворен пазар. Владата е посветена на водење координирана монетарна и фискална политика и останува да биде присутна за интервенирање во случај на евентуални ценовни шокови“, посочи Заев во говорот.

На Самитот на засебни панел сесии ќе учествуваат и вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, министрите за економија Крешник Бектеши, за финансии Фатмир Бесими, за надворешни работи Бујар Османи, како и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

На Самитот во организација на лондонски „Економист” е предвидено да говорат високи претставници од светската, европската и регионалната политика, од меѓународните финансиски институции и компании, владин и невладин сектор и академската сфера, како што се актуелниот заменик-помошник на американскиот државен секретар, Габриел Ескобар, актуелниот претседател на Трансатлантскиот центар при Германскиот Маршалов Фонд на САД, Јан Лесер, шефот на одделот за Адриатик при Европската инвестициска банка, Матео Ривелини, поранешниот заменик-државен секретар на САД, Џон Негропонте, поранешниот германски вицеканцелар и министер за надворешни работи, Јошка Фишер, и други гости.

Слични содржини