Премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети моментално се на средба во Собранието, објавија дел од медиумите. Ова следува откако попладнево Собранието информира дека седницата за гласање доверба на Владата е закажана за во четврток 11.11.2021, во 11.00 часот.
Исто така во Собранието е присутен и спикерот Талат Џафери.
Денес опозицијата објави дека ја поднесува иницијативата за доверба на Владата, затоа што Заев досега не ја поднесе оставката што ја најави на 31 октомври.
Премиерот се огласи на Фејсбук, наведувајќи меѓу другото и дека верува оти зад него стојат мнозинството пратеници.
Ако на Владата и е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата, се вeли во член 218. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на републиката.