Заев од Карпош: Пораката е примена, ќе има чистки

од Vladimir Zorba
177 прегледи

Премиерот на Македонија, Зоран Заев на заедничка трибина со кандидат претседателот на Северна Република Македонија, Стево Пендаровски и на потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска порача дека очекувале повеќе гласови во првиот изборен круг, но дека ќе победат со 100 илјади гласови разлика на 5-ти мај.

– Очекувавме повеќе, но треба да бидеме среќни и задоволни. Заслужувавме повеќе гласови, но победивме. Ако не знаете, Зоран Заев знае, јас сум најинформираниот човек, ќе победиме со 100 илјади гласови разлика во вториот круг, затоа вратете ги насмевките на вашите лица, изјави лидерот на СДСМ.

И тој како и Пендаровски и Шекеринска соопшти дека „пораката од првиот круг е примена“.

– Секако дека ќе има чистки. Секако дека ќе расчистиме со некои луѓе. Видовме дека некаде имаме решенија со луѓе кои немаат доволно капацитет да му служат на народот. Има незадоволство и од централната и од локалната власт. Граѓаните ни ја испратија пораката. Граѓаните тоа јасно ни го кажаа. После изборите ќе се случат промени. За да дојдат други, кои поучени од нивните претходници, нема да ги прават истите грешки, потенцира тој.

Ова не е борба за Заев, додаде премиерот, не е борба за СДСМ, ова е борба за татковината.

– Близината на гласовите вика „се враќа Груевски, се враќа режимот“, тоа не го сака никој, не го сакаат ниту гласачите на ВМРО-ДПМНЕ, додаде Заев.

Наведе дека на Пендаровски му се потребни гласовите од претседателскиот кандидат Блерим Река, кој отпадна во првиот круг од претседателските избори.

– Ни требаат гласовите од Река, да ни требаат сите. Ги покануваме да ни се придружат на концептот на единство. Да се придружиме сите на концептот што не носи рамо до рамо со современиот европски свет, нагласи Заев.

Слични содржини