Заев по блокадата на Чешка и Словачка: Драго ми е што сѐ уште има европско во ЕУ

од Nikola Popovski
239 прегледи

„Сакам да ги коментирам реакциите на Словачка и Чешка. Драго ми е што сѐ уште има европско во Европската Унија. Ова го кажувам со доза на горчина затоа што ако некој заслужил да добие поддршка на следниот чекор на патот кон ЕУ, тоа е Република Северна Македонија“, изјави денес премиерот Зоран Заев по вчерашната блокада на Чешка и Словачка на заклучоците за проширувањето на Западен Балкан во Советот на ЕУ, бидејќи не се согласуваат со текстот во нацртот кој се однесува на Северна Македонија.

Според него, ЕУ најмалку што смее да направи е да ги изгуби европските вредности и принцип.

„Се надевам дека тој дух ЕУ ќе продолжи да го испраќа кон нас земјите кандидати за членство затоа што ние немаме друга алтернатива. Како што сум кажал и порано, се надевам дека ЕУ нема да го изгасне светлото во мракот за  да не бидеме изгубени. Таа водилка нашата мотивација и за реформите, и за да бидеме подобри граѓани, за да си ја европеизираме државата, да го средиме правосудниот систем, да имаме сила и енергија да градиме за нашите деца, за идните генерации, да го осовремениме  здравството, да ја подобриме уште повеќе инфраструктурата“, констатира Заев.

Чешка и Словачка синоќа го образложија своето вето со лутината поради блокадата на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија. Освен тоа, тие конкретно критикуваат што на притисок од Бугарија во заклучоците е вметнат дел за спорот околу историјата со Северна Македонија.

„Чешката Република отсекогаш била постојан поддржувач на политиката на проширување во последните 16 години. Тоа не се промени со оваа одлука. Сепак, по внимателно разгледување, не можевме да дадеме согласност за нацртот презентиран за одобрување. Главната цел е да се усвои Преговарачката рамка што е можно поскоро. Сепак, сегашниот текст може да има спротивен ефект. Според наше гледиште, тој содржи термини за фалсификување на историјата што би можеле да бидат штетни за процесот на проширување“, велат од чешкото МНР.

Слични содржини