Заев: Половина од моето семејство го прележа вирусот, моите деца беа позитивни, братот…

од Берта Китинска

Премиерот Зоран Заев, во синоќешното гостување во емисијата Топ Тема откри дека членови од неговото семејство веќе ја прележале короната и дека лично смета дека во земјава се создава колективен имунитет.

Заев кажа дека според информациите кои стигнале до него,  можно е да се создаде колективен имунитет во Македонија.

„Макар што, според мое лично мислење, ако дневно просечно заболуваат по 1.000 лица, има веројатно 10.000 што не знаат за заразата. Затоа веќе се тестира со тестовите за антитетла, IGM и IGG, за да видат колку е тоа отприлика распространето.Еве, половина од моето семејство ја помина короната. Двете деца ми беа позитивни, брат ми беше позитивен, братучедите, внуците… А другиот дел, од тие што е поминаа, меѓу кои сум и јас, јас не сум бил досега позитивен, половина од нив веќе имаат антитела “, рече Заев.

Заев посочи и дека е платен авансот за 833 илјади вакцини кои ќе бидат набавени преку Ковакс системот, а обезбедена е и гаранцијата за останатиот дел од парите што треба да се платат по пристигнувањето на вакцините.

„На Влада помина обезбедувањето на гаранцијата која по пат на јавна аукција ја понудија повеќе банки. Победи Комерцијална банка со најниска провизија за останатите седум ипол милиони евра кои ќе треба да ги доплаќаме кога ќе стигнат вакцините. Организирани се и најмалку девет фирми кои ги имаат обезбедено сите услови за чување на вакцините“, истакна премиерот Заев.

Освен преку Ковакс системот, побарани се и 800 илјади вакцини од 100-те милиони вакцини што Европската унија ги набавува за земјите од Европа кои не се членки на Унијата, а одредена количина, премиерот очекува и од Грција, која, како што рече, набавила вакцини за себе но и за Северна Македонија и за Албанија.

Вакцинирањето ќе се одвива идентично како и во останатите држави, односно ќе се вакцинираат прво здравствените работници, повозрасните граѓани и хронично болните.

Слични содржини