Заев: Потребна е вонредна состојба за спречување на коронавирусот

од Берта Китинска
124 прегледи

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев побара да се продолжи вонредната состојба со цел ефикасно справување со кризата предизвикана од коронавирусот.

-Во ситуација кога Собранието е распуштено, Владата, преку механизмите што ги има на располагање и преку уредби со законска сила ќе може навремено и темелно да реагира, како досега. Ценам дека Владата покажа одговорно однесување во вонредната состојба носејќи мерки и уредби исклучиво во интерес на граѓаните и справување со состојбите. Токму вонредната состојба даде можност за спроведување на брзи и ефикасни мерки во насока на спречување на ширење на коронавирусот, заштита на здравјето и справување со економските последици, напиша Заев на Фејсбук.

Вели дека ова е борба за највредното, човечкиот живот.

Справувањето со коронавирусот, вели Заев, бара сериозна посветеност од институциите, но и од нас како поединци.

-Да продолжиме целосно да ги почитуваме мерките и задолженијата од надлежните институции и на тој начин секој од нас да придонесе за побрзо надминување на заканата што ја носи коронавирусот, напиша претседателот на СДСМ.

Слични содржини