Заев: Разговараме за Законот за обвинителство, но не сакаме Закон за кој ќе не критикува ЕУ

од Aleksandar Todeski
314 прегледи

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на прес конференција во партиското седиште рече дека преговара за дво-третинско мнозинство за Законот за јавно обвинителство и дека носењето на Законот би било силна алатка за отпочнување преговори со Европската Унија.

„Работните групи за Законот за ЈО се во контакти, но постојат и работни групи за Изборниот законик. И двете гурпи се доволно политички капацитетни и кредибилни за да разговараат за приближување на ставовите. Уште еднаш напоменувам, се работи за Закон кој треба да се донесе со дво-третинско мнозинство во време кога предметите на СЈО се осигурани, тие се под контрола на републичкиот ЈО и ствара атмосфера и обврска да продолжиме да преговараме и да изнајдеме решение кое што е добро за граѓаните и во функција на укажувањето на Венецијанската комисија, Европската делегација и Европската комисија. Верувам дека вакво законско решение можеме да донесеме“, рече Заев.

Тој додаде дека би бил среќен ако до 11 февруари, односно пред распишувањето на изборите и распуштање на пратениците, се донесе Законот или воопшто се обидат да гласаат за него во Законодавниот дом.

„Верувам дека околностите по изворите нема да се сменат, па ништо позначајно нема да бидеме доведени во состојба, само разликата ќе биде што сега ќе дадеме аргументи ЕУ да ни биде од помош“, кажа лидерот на СДСМ.

Заев истакна дека би седнал на преговарачка маса со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но дека по вчерашната изјава на првиот опозиционер, не знае дали воопшто да свикува или не лидерска средба.

„Кога ќе ја слушнете изјавата од вчера од Охрид, не знаете дали да свикате или не лидерска средба, човекот нит се води нит се гони. Немам проблем јас да свикам, мене да ме свикаат. Верувам дека ќе се изнајде решение, но човек кој не сака решение вака прави, за да одврати било каква желба за средба. Ќе се обидам прво со осумтемина пратеници, бидејќи тие гласаа за ЕУ и НАТО, а ова е потребно за ЕУ. Спремни сме за флексибилност се до таму до каде е дозволено. Не сакаме Закон за кој ќе не критикува Европската Унија“, нагласи претседателот на владејачката СДСМ.

Слични содржини