
Двојната функција на премиерот Зоран Заев не е преседан, кога се прави реконструкција мора да се има пред вид дека мандатарот на преден план ги става сите сили за да се реализира програмата со која го добил мандатот, а токму последната година од него е најбитна, изјави во Централниот дневник на 1ТВ Тито Петковски. За негативните реакции околу именувањата, тој вели дека постојат репери и вредности кои луѓето ги очекуваат кога станува збор за реконструкција.
-Во Македонија со години се потценува улогата на културата како сфера, иако е најдобриот доказ за нивото на цивилизацискиот напредок на една нација. Културата, образованието и здравството се клучните министерства за една Влада ако сака да направи сериозни реформи, рече Петковски.
Според него, традиционалните гледишта на секторите култура и образование како на резервна гума во политиката се резултат на борбата за државотворните министерства – одбрана, полиција, финансии. За новото Министерство за политички систем на чиешто чело треба да застане Садула Дураку, Петковски смета дека тој бил принудно кадровско решение за премиерот Заев, додека ДУИ со неговото предлагање не покажале чесен и коректен однос кон Владата и кон премиерот.
-Некоректен и нечесен е односот на ДУИ кон премиерот Заев, од едноставна причина, ако тој човек јавно изговори дека не сака да разговара со народот за судбината на другиот, ако јавноста прогласи дека е неуспешен министер во еден ресор, како може да се очекува да биде добар? За мене скандалозно е да се брани со аргументи дека е колективна меморија на ДУИ, дека ја задолжил партијата, изјави Петковски.
Тој смета дека смената на досегашниот министер за финансии Драган Тевдовски, на чиешто место дојде премиерот, е необично со оглед на тоа дека токму Тевдовски е авторот на економската програма на СДСМ, чисто левичарска, јасна уште од предизборието.
-Се прашувам да не има идеолошка разлика, ако се знае дека економијата ја води претставник на бизнис секторот, на крупниот капитал. Тој судир беше латентен, тивок во самата Влада. Претпоставувам дека има идеолошка карактеристика. Како сега ќе функционира во услови кога самиот премиер ја зема функцијата министер за финансии, а го има својот потпретседател, со сите карактеристики што ги знаеме. Но тоа се идеолошки разлики, вели Петковски за 1Тв.