Заев: Следи целосен успех во октомври и почеток на преговорите до крајот на годината

од Vladimir Zorba
134 прегледи

Премиерот Зоран Заев, поденешните заклучоци на Советот на министрите од Луксембург, сподели дека Северна Македонија добила „силно и недвосмислено признание“ за достигнувањата на државава во изминатата година.

„Добивме јасна потврда за реформите кои ги спроведовме и за сите резултати остварени на домашен план, но и пофалби за Договорите со Грција и Бугарија.

Тоа за нас и за граѓаните е многу значајно и ни укажува дека заедничките напори не беа попусто.

Исто така, со заклучоците на Советот ни е одредена точна временска точка во која ќе се донесе и потврди одлуката за почеток на преговорите за членство ЕУ, а тоа е не подоцна од октомври оваа година.

За нас беше клучно оваа одлука да биде донесена оваа година, а овој заклучок токму тоа го потврдува. Ние во меѓувреме продолжуваме со работа и реформи.

Нашиот резултат е одржлив и незапирлив. Продолжуваме со интензивните подготовки за формален почеток на преговорите до крајот на оваа година.

Задоволни сме од денешниот заклучок, но тој ќе значи целосен успех во октомври, кога ќе се круниса со конечна одлука за почеток на преговорите и практичен почеток до крајот на годината“, напиша Заев на својот Фејсбук профил.