Захариева: Договорот за добрососедство не се исполнува со доволно добро темпо

од Aleksandar Todeski

Не треба да се одложува започнувањето на преговорите за членство во Европската Унија на Северна Македонија и на Албанија поради францускиот предлог за нова методологија за преговорите за присоединување, тие процеси можат да се одвиваат паралелно, рече бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева на конференција во Софија посветена на Западен Балкан.

„Дел од реформите, предложени од Франција, се прифатливи за Бугарија, но тоа не значи дека давањето зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија треба да се одложи до усвојување на новата методологија. Двата процеса можат да продолжат истовремено“, рече Захариева.

Бугарската вицепремиерка изрази надеж дека во следните шест месеци Скопје и Тирана ќе добијат зелено светло за почеток на преговори со ЕУ.

„Понекогаш сум еден од најгласните министри за надворешни работи дека ЕУ не може да донесе одлука. За тоа не е виновна само Унијата. Голема одговорност имаат и земјите кандидатки“, истакна Захариева.

Таа се осврна и на постигнатиот напредок во процесот на евроинтеграциите на шесте земји од Западен Балкан, потенцирајќи дека „работите на Балканот никогаш не се црни или бели“.

Според Захариева од една страна, на пример, постои договор за пријателство и добрососедство со Република Северна Македонија, но од друга страна, тој не се исполнува со доволно добро темпо, особено во делот за историјата.

„Има отворени многу преговарачки поглавја со Црна Гора, но постои и блокиран дијалог меѓу Белград и Приштина. Потребна е една година да биде формирана влада во БиХ, а истовремено има напредок во евроатлантските интеграции со усвојување план за акција и соработка со НАТО, нагласува таа.

Слични содржини