Основачот на компанијата “Facebook”, Марк Закерберг, ангажирал цел тим да му помогне да се подготви за денешното сведочење пред американскиот Конгрес.

Американските политичари бараат од Закерберг да им каже што преземала неговата компанија по прашањето за заштита на податоците на корисниците и да им објасни како Русија можела да ја користи неговата платформа и да се меша во претседателските избори во САД во 2016. година.
Поради скандалот и контроверзиите кои и натаму траат поради неадекватното собирање на податоци од 87 милиони корисници на Фејсбук од страна на британската аналитичка компанија “Cambridge Analytica”, Закерберг ќе се обиде да го увери Конгресот дека сериозно се грижи за своите корисници и нивната приватност. Исто така ќе се обиде да им се спротивстави на оние кои поддржуваат построга државна регулатива.
“Сега е јасно дека ние не направивме доволно да спречиме овие алати да се користат на нечија штета”, се очекува Закерберг да каже пред Комитетот за енергетика и трговија во Конгресот, во склад со писменото соопштение објавено пред неговото сведочење.
“Не ја согледавме нашата одговорност доволно широко и тоа беше голема грешка. Тоа беше моја грешка и жалам. Јас го основав Фејсбук, јас управувам со него, и јас сум одговорен за ова што се случи”, вели тој. Пред 33-годишниот шеф на компанијата вредна 80 милијарди долари не е лесна задача. Ова ќе биде прво појавување за Закерберг пред политичари и тоа во време кога се соочува со голем број на јавни критики.
Како што пишува “New York Times”, Закерберг, кој во главно е дискретен и е познат по носењето на еднолична облека и сиви маици, вработил цел тим на адвокати од компанијата “WilmerHale”, заедно со надворешни консултанти, за да го подучат за прашањата кои би можеле да му ги постават политичарите и да го научат што да им одговара и како да реагира ако политичарите го прекинат при зборувањето.
Во компанијата “Facebook” дури биле и организирани лажни сослушувања во кои вработените на Закерберг и надворешните советници глумат членови на Конгресот.
“За Марк Закербер ова е своевидно огнено крштевање. Фејсбук стана многу важен не само за бизнисот, туку и за целото општество и не може да избегне проверка од Конгресот”, рекол Рид Хант, поранешниот шеф на Федералната комисија за комуникации.
Компанијата “Facebook” се нашла под голем притисок откако бил откриено дека податоците на милиони корисници завршиле во рацете на консултантската компанија “Cambridge Analytica”, откако “свиркачот”, Кристофер Вајл, кој помогнал во основање на таа куќа, рекол дека податоци на околу 50 милиони корисници на Фејсбук биле одземени без негово знаење и искористени во работата на таа компанија за кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп.