Законот за рестриктивни мерки повторно со владин амин, правната фела се противи: „Црните листи на САД и Британија не можат да имаат директно влијание на одлуките на нашите правосудни и државни органи“

од Nikola Popovski
396 прегледи

Лицата кои ќе се најдат на црни списоци од САД и Велика Британија ќе бидат процесуирани и во правниот систем на нашата држава. Ова го предвидуваат измените во Законот за рестриктивни мерки кои вчера повторно добија зелено светло на владината седница од новата техничка влада и се очекува да бидат поднесени до Собранието. Институцијата предлагач мора да ги испрати сите материјали и докази до Јавното обвинителство. Со измените и дополнувањата на Законот, според образложеното од предлагачот, Министерството за надворешни работи, се додаваат и правните акти на САД и Обединетото Кралство – во основите што овозможуваат користење рестриктивни мерки. Со постоечкото законско решение, Република Северна Македонија постигна стопроцентна усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика, во однос на одлуките на Европската Унија за рестрикции – и актуелното законско решение овозможува користење рестриктивни мерки врз три основи: задолжителни резолуции на Советот за безбедност на ОН, правни акти на ЕУ и другите меѓународни организации, во коишто државата е членка, како и по барања/правни акти на други држави, поврзани само за пролиферација на оружје и тероризам. На овие основи сега се додаваат и правните акти на САД и Обединетото Кралство.

Сепак дел од експертите се уште не можат да го видат целиот предлог-закон и се скептични околу мешањето на Владата во правосудниот систем. Правниците велат дека заинтересираноста на јавноста за ова прашање е од највисок национален интерес и не смее да биде од дневно-политички интерес. Бараат сеопфатен и подлабок научен пристап како и правење разлика во проекцијата на долгорочни системски и стабилни решнеија. Адвокатот Александар Тортевски не се согласува со ваквиот закон. Според него, ова е уште еден доказ дека имаме „крајно нефункционални институции и партизирана држава во која државните органи и функционери задолжени за борба против корупција се под директно влијание на владеачките партии и воопшто не ги исполнуваат своите обврски“. Тој во разговор за „Локално“ посочува дека не постои друг начин на борба против корупцијата освен во закон спроведена постапка запозната од страна на јавно обвинителство, а завршена во коректно спроведена судска постапка.

 

Александар Тортевски

-Овие нови обиди се само обид да се замајува јавноста и само да се глуми некаква борба против корупцијата, дециден е Тортевски.

Посочува дека црните листи на САД и на Британија не можат да имаат директно влијание на одлуките на нашите правосудни и државни органи.

-Единствено ако се добронамерни САД и Британија и да имаат отворени канали за соработка со нашите државни органи задолжени за борба против корупцијата, а со тоа и можност доказите врз основа на која ги прават црните листи да бидат доставени до правосудните органи задолжени за борба против корупцијата, бара адвокатот.

-Навистина не знам зошто до сега не се објавени доказите врз основа на кои е составена црната листа, како на пример за Кочо Анѓушев дотолку повеќе што американската амбасада јавно објави дека имаат цврсти докази, додава соговорникот.

Иако бројката на назначени македонски државјани на американските листи за санкции почна да расте, ниту еден правосуден орган или институција досега не се заинтересираа, ниту се обратија до соодветните институции во САД за да побараат споделување на доказите поради кои тие лица се ставени на црната листа.

По критиките во јавноста дали владата може да воведе рестриктивни мерки пред правосилна судска одлука и дали е заштитена презумпцијата на невиност, од МНР велат дека за овој текст направиле усогласување со Министерството за правда и Секретаријатот за законодавство и објаснуваат како ќе се спроведува процедурата.

-Не може да се игнорира фактот и да не се преземе ништо за нашинците кои се на црната листа на САД, санкционирани за вмешаност во корупција и организиран криминал, изјави пред неколку дена вицепремиерката Славица Грковска. Таа е уверена дека не може да биде неуставно доколку некој сака да дефинира постапка, уредена во закон, да може надлежните институции да постапуваат и да отворат предмети за лица кои се непосакувани во САД.

Според најавите, со законските измени корупцијата и злоупотребата на службената должност ќе станат дополнителни основи за воведување рестриктивни мерки. Измените покрај конфискацијата на имот, би предвидувале и времено престанување на јавната функција и забрана за учество во процесите на јавни набавки на лицето за кое е покрената истрага сè до правосилна судска одлука.

Исто така, ако постоечкото законско решение, како рестриктивни мерки предвидува: ембарго, забрана за влез, финансиски мерки, со измените и дополнувањата се додаваат две предвремени мерки за обезбедување. Односно, по добиена информација дека има одреден правен акт од САД, од Обединето Кралство, или од ЕУ – МНР, МВР, Јавното обвинителство и други агенции за национална безбедност и финансиско разузнавање, имаат можност за предложат до Владата рестриктивни мерки. По донесувањето на рестриктивната мерка, предвидено е Владата да го задолжи предлагачот, да ги собере и да ги пренесе и достави до Јавното обвинителство, сите информации и материјални и нематеријални факти коишто може да ги обезбеди. Според предложеното во измените и дополнувањата на законот, Јавното обвинителство е должно веднаш да отвори процедура, согласно Законот за кривична постапка, односно согласно роковите и процедурите коишто ги предвидува Законот за кривична постапка – но, согласно предлог измените и дополнувањата што денеска ги утврди Владата, јавниот обвинител е должен до судот да побара веднаш привремени мерки за обезбедување.

Н.П.

Слични содржини