Законот за унгарскиот кредит помина во Собрание: Ќе се задолжиме 500 милиони евра

од Nikola Popovski
26 прегледи

Во Собранието денеска беше донесен Законот за унгарскиот заем со 65 гласови „за“ и 15 „против“. Немаше воздржани пратеници.

Опозицијата не учествуваше на комисиската расправа, оти смета дека решението треба да се носи во редовна постапка. Заменик- министерот за финансии, Николче Јанкуловски пред пратениците го образложи Предлог- законот. Oд ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека постапката е транспарентна и оти првпат има заем за кој однапред се знае за што ќе биде потрошен и оти ќе се помогне на општините и на стопанството.

Вкупниот износ на заемот од Унгарската експорт – импорт банка изнесува 500 милиони евра. Заемот ќе се повлече во една транша, рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од три години, каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Македонија ќе ѝ плаќа на Унгарската експорт – импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво.

Провизијата за неповлечени средства ќе се пресметува на дневна основа на неповлечениот дел од заемот, пресметано од датумот на достапност на средствата и ќе се плати првиот работен ден по завршување на периодот на достапност. Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.

Дополнително, Република Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност. Провизијата за извршени правни услуги ќе се плати пред повлекување на траншата.

Половина од средствата од овој заем, како што беше појаснето од Владата, ќе се користат за развој на општините, а другите како помош за економијата и за буџетски потреби.

Пратениците од опозицијата со жестоки критики за задолжувањето. Пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи нагласи дека законот е коруптивен и е договорен во четири очи уште кога партијата на власт била во опозиција.

Според него, ова е проблематично задолжување, поради кое, како што вели и МФ не учествува.

-Тоа значи дека и во рамките на Владата има сериозни несогласувања. Дали ова вистина се унгарски или кинески пари. Граѓаните заслужуваат одговор. Потенцијална замка…, а граѓаните може да се соочат со зголемени даноци и зголемена куповна моќ…

Износот е преполовен од првичните една милијарда евра кога виделе дека државниот долг скокнал до 60%. Вистинското прашање е зошто процесот се водеше во тајност? Дали Владата се плаши од реакцијата на граѓаните ако вистината излезе на виделина? Зошто заемот не се објави во предизборието, праша пратеникот од редовите на СДСМ.

Слични содржини