Започна пријавувањето детски филмови за „Тинтири Минтири Филм Фест“

од Vladimir Zorba
113 прегледи

 

Меѓународниот филмски фестивал за деца „Тинтири Минтири Филм Фест“ објави отворен повик за пријавување професионални филмови за деца и филмови направени од деца на третото издание на фестивалот, кое ќе се одржи на 9 и 10 јуни годинава во Скопје.

Како што информираат од „Тинтири Минтири Филм Фест“, право на пријавување имаат сите филмови изработени во која било техника и кои предходно не биле пријавени на овој фестивал, а се завршени по 31 декември 2015 година.

Филмовите може да бидат пријавени во категории на кратки филмови за деца до 25 минути или долгометражни филмови за деца до 120 минути, како и краткометражни филмови направени од деца, со времетраење до 10 минути. Краен рок за праќање на материјалите е 15. април.

Според директор Кузман Кузмановски, целта е фестивал во кој децата активно ќе земат учество.

– Децата како публика се веќе изградена категорија во цел свет, па и кај нас. Но, ние се обидуваме да изградиме една поинаква целна група – децата како творци на филмски содржини, како идни филмски професионалци, децата како создавачи на медиумски содржини, деца со свој став и мислење, деца кои имаат право да кажат што сакаат и како тие ја доживуваат реалноста. Ова е фестивал од децата и за децата, изјави Кузмановски.

„Тинтири Минтири Филм Фест“ е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со Кинотека на Македонија и со филмското училиште Тинтири-Минтири од Скопје.