Започнуваат летните попусти, ќе има ли редици на вакцинирани лица во трговските центри?

од Берта Китинска
693 прегледи

„Добар ден, сертификат за примена вакцина или прележан ковид, молам“ е реченицата која започнувајќи од средата вработените и редарската служба во рестораните, обложувалниците и моловите веќе секојдневно ја кажуваат на посетителите кои сакаат да влезат во нивниот објект.

Одлуката да се пие кафе и да се оди на шопинг само со потврда за вакцинација или прележан ковид-19 ги затекна граѓаните.

Невакцинираните не можат да влезат ниту во рестораните на отворено, ни во затворените објекти, а дел од вакцинираните реагираат дека иако имаат потврда немаат друштво за на кафе и пазарување, бидејќи повеќето од пријателите не им се вакцинирани.

Согласно одлуката на Владата почнувајќи од 18.08.2021 година на влезот пред објектите мора да покажете сертификат/потврда за вакцинација од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза вакцина или сертификат/потврда за прележан КОВИД – 19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.

И трговските центри како и угостителските објекти се жалат дека новите ковид-мерки им го намалил обемот на работа и посетеноста.

-Најголем дел од посетителите се информирани и при влез прикажуваат сертификат или потврда. Нашиот трговски центар со користење на постоечките, но и на дополнителни ресурси има поставено доволно лица кои во две смени ја извршуваат редарската служба при влез во трговскиот центар, велат за Локално од „Капитол мол“.

Оттаму додаваат дека посетите од инспекциски служби со увид на лице место се редовна пракса во трговските центри и дека во овој период таа пракса си продолжува.

Во однос на тоа дали новите мерки ќе го намалат обемот на работа, од шопинг молот посчуваат дека посетеноста е намалена откако на сила стапија новите одлуки.

– Најновите мерки се совпаѓаат со периодот на крајните летни попусти во кој период Капитол мол е полн со посетители и купувачи. Средината на месец август во ние традиционално ја резервираме ултра распродажбата на летните колекции со попусти до -70% во продавниците и веќе пред почетокот на септември започнуваме со BACK TO SCHOOL акции каде сите ученици можат да си одберат од големата понуда на едно место и да уживаат во семејниот шопинг, објаснуваат од трговскиот.

За тоа дали се можни манипулации од страна на граѓаните со прикажување на туѓ сертификат за да може да се влезе во објектот, од трговскиот центар велат дека нивните служби постапуваат согласно насоките на Владата кои се јавно објавени.

-За примената и почитувањето на истите ќе покаже праксата и контролите од страна на официјални лица на Министерството за внатрешни работи, сметаат од „Капитол мол“.

Деновиве на социјалните мрежи некои граѓани веќе почнаа да бараат лажни сертификати со цел да можат да седнат во кафеана или да влезат во некој објект. Од МВР информираат дека досега нема ниту една пријава каде е констатирано дека некој поседува фалсификат потврда за вакцинација.

-До овој момент (20.08.) во надлежните организациони единици на МВР во чии што домен на работа влегува проблематиката со ваков вид криминал (лажни ковид сертификати, или злоупотреба на компјутерски системи во смисол на користење на социјалните мрежи за препродажба на вакви фалсификати) – нема ниту една пријава врз посочениот основ. Граѓаните кои што евентуално ќе наидат на такви понуди се должни за истото веднаш да пријават во полициските станици или до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР. Инаку фалсификувањето на таквата исправа е казнива согласно КЗ на РСМ (член 378), дотолку повеќе што во овој случај се тангираат и казнените членови од делот на Кривичниот закон што се однесува до кривични дела против здравјето на граѓаните. Исто така ве информираме дека досега не е добиена пријава од уготителски објект за наводен “сомнително прикажан сертификат“, велат од МВР.

Б.М.

Слични содржини