Муслиманските верници денеска за прв пат ќе се соберат на молитва во Аја Софија откако Турција го прогласи музејот за џамија по 86 години.
Претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговите исламски-конзервативни сојузници ќе учествуваат на првата молитва во истанбулската градба од 6. век.


Во пресрет на првата молитва, подот е покриен со тепих избран од Ердоган, а мозаиците што претставуваат христијански симболи ќе бидат покриени со завеси за време на молитвата.
Повеќето патишта се затворени, а јавниот превоз е ограничен. Градоначалникот на Истанбул, Али Jeрликаја, ги замоли луѓето да донесат четири работи: „маски, молитвени килими, трпеливост и разбирање“.
На располагање ќе бидат 736 членови на медицинскиот персонал, 101 амбулантно возило и хеликоптер.
Ердоган ја посети Аја Софија во неделата, поминувајќи околу еден час таму слушнајќи за подготовките за нејзино отворање. Турскиот претседател објави дека градбата ќе се отвори како џамија за кратко време, откако судот ја поништи одлуката од 1934 година на 10 јули, со која е претвори во музеј.
Ердоган во саботата рече дека очекува меѓу 1.000 и 1.500 верници да присуствуваат на молитвите во петок и вети дека ќе бидат спроведени мерки за физичко растојание.
Поранешниот музеј, кој стоел со векови со поглед на Истанбул, долго време бил симбол на секуларизмот во модерната турска република.
Градбата служела како главна византиска катедрала до османлиската победа во 1453 година, а од тогаш како џамија до 1934 година, кога основачот на модерната Турција, Мустафа Кемал Ататурк, го сменил статусот во музеј.
Аја Софија е една од најпопуларните турски атракции, а минатата година ја посетија околу 3,7 милиони туристи.
Соединетите држави, Европската унија, Русија, УНЕСКО и неколку црковни водачи изразија загриженост во врска со промената на статусот на Аја Софија. Турција, од друга страна, инсистира на тоа дека тоа е нејзино „историско и суверено право“.
Ердоган рече дека ќе остане отворена за туристите и од сега влезот ќе биде бесплатен.