Зборувањето на телефон трета причина за сообраќајни несреќи

од desk2
253 прегледи

Возење и зборување на мобилен телефон се голема опасност во сообраќајот. Според неколку понови истражувања во САД, прва причина за сообраќајни незгоди не се алкохолизираните возачи ниту возачите што не ги почитуваат светлосните знаци, туку невнимателните возачи.

Под невнимателен возач се подразбира расеан возач или возач што го одвлекува вниманието од патот, разговара на мобилен телефон, испраќа текстуална порака или јаде додека вози. Според листата на Светската здравствена организација за ризични фактори кои предизвикуваат сообраќајни несреќи, на трето место се наоѓа невнимателното возење.

Податоците од билтените на нашето министерство за внатрешни работи, за последниве неколку дена велат дека на 16 септември годинава во Скопје биле санкционирани седум возачи што зборувале на мобилен телефон. На 17 септември, пак, 17 возачи разговарале на мобилен, додека, пак, на 18 септември дури 29 возеле и зборувале на телефон.

– Во текот на 2018-та се регистрирани 598 прекршоци „зборување на мобилен телефон“, за кои се издадени соодветни казни, додека во периодот од јануари до јуни 2019 се регистрирани 519 вакви прекршоци – велат од МВР.

Според Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, се забранува користењето мобилен телефон и други уреди што на кој било начин може да му ја намалат можноста на возачот за реагирање и сигурносно управување на моторното возило. За возачите што постапуваат спротивно на одредбите на овој закон, предвидена е казна во износ од 40 евра или регистрирање 25 негативни бода.

Новите паметни телефони што се користат и за разни други видови комуникација дополнително го одвлекуваат вниманието на возачот при возење. Од МВР велат дека користењето мобилен телефон без направа што овозможува нивно користење без употреба на раце за време на управување на моторното возило би ја намалило можноста за навремено реагирање и сигурно управување со моторното возило.

Повеќето истражувања на Светската здравствена организација покажуваат дека возачите што користат мобилни телефони има околу четири пати поголема веројатност да бидат вклучени во сообраќајна несреќа. Возачите што користат мобилни телефони обично имаат побавно време на реакција. Најважниот негативен фактор поврзан со користење мобилен телефон за време на возењето е пренасочување на вниманието од возење кон самиот разговор. Користењето телефон додека се вози го забавува времето на реакција, особено времето на реакцијата на сопирање, но и реакцијата на сообраќајните сигнали. Исто така, ги отежнува одржувањето во соодветната лента и одржувањето на предвиденото растојание. Времето на реакција на возачот се намалува од 30 до 50 проценти за разлика од нормални услови на возење, покажува истражувањето од 2015 година, водено под мотото ‚‚Користење мобилен телефон при возење“ што го спроведоа во Европската комисија.

Во истото истражување се наведува дека во Шведска се проценува дека од 10 до 20 луѓе страдаат годишно како резултат на користење мобилен телефон при возење. Во студија од Американската психолошка асоцијација се проценува дека употребата на мобилен телефон резултира со околу 2.600 смртни случаи и 330.000 сериозни повреди на годишно ниво во САД.

Во истражувањето од 2018 година објавено во Анализа на несреќи и превенција, полициските службеници соопштуваат дека не се регистрира употребата на мобилните телефони во извештаите за сообраќајните несреќи. Иста е ситуацијата и кај нас во земјава, вообичаено не се водат евиденција и класификација во категориите на сообраќајните несреќи што се предизвикани од употреба на мобилен телефон затоа што тешко се утврдуваат. Не се знае колку сообраќајни незгоди се предизвикани директно како последица на користење мобилен телефон при управување со возилото, но може да се забележи дека мобилниот телефон го користат голем број возачи.

Слични содржини