Здравко Кривокапиќ е единствениот европски лидер кој не сака да се вакцинира

од Milan1

Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ денеска изјави дека нема да се вакцинира против коронавирусот бидејќи има доволен број антитела, со што е единствениот лидер во Европа кој не ја примил вакцината против коронавирус.

-Мојот број на антитела расте и не знам од каде е оваа појава. Во моментот кога бројката ќе биде под 100, ќе бидам вакциниран, рече Кривокапиќ, нагласувајќи дека секогаш ќе ги следи советите на својот лекар.

Кривокапиќ често бил критикуван од црногорската јавност за кршење на епидемиолошките мерки, особено на верските собири на Српската православна црква, каде што бил снимен како со иста лажица „комуницира“ со другите верници.

Во Црна Гора во последните две недели расте бројот на заболени од коронавирус и починати, а здравствените власти ги повикуваат граѓаните да се вакцинираат. Црногорските епидемиолози се заканиле дека доколку здравствената состојба продолжи да се влошува, Ковид- пропусниците наскоро би можеле да бидат задолжителни за сите вработени во јавната администрација.

Црна Гора досега има вакцинирано близу 55 отсто од возрасната популација. Од почетокот на пандемијата во таа земја починале над две илјади луѓе или над 0,3 отсто од црногорското население.

Слични содржини