Здружение на преведувачи: Македонскиот јазик е битие, идентитет и традиција, по која не смее да се посегнува никој

Здружението на преведувачи и толкувачи во својата Декларација потсетува дека секој јазик, како и македонскиот е дел од културниот и националниот идентитет на еден народ. Оттаму велат, не смее да се посегне да го менува и прилагодува според своите потреби и барања, или поради добивање на политички поени, демонтрирање на моќ или сила.

Од ЗПРМ укажуваат на Универзалната декларација за човекови права која во чл. 19 пропишува слобода на мислење и изразување на секој човек, додека пак резолуцијата на Обединетите нации вели дека сите земји членки, меѓу кои е и Бугарија, треба да ги чуваат и штитат своите јазици што ги говорат народите во светот.

„ЗПРМ остро се спротиставува на секаков вид негирање на македонскиот јазик од страна на официјални лица од Република Бугарија кои деновиве излегуваат со ставови спротивни на меѓународните конвенции и документи коишто се однесуваат на заштитата и негувањето на јазиците. Исто така, ЗПРМ ги отфрла сите произволно изнесени и научно непоткрепени ставови кои немаат ништо заедничко со лингвистиката, славистиката и историјата“ , се вели во Декларацијата.

Здружението бара од сите оние кои се вклучени во бугарската научна јавност, да се сообразат со објективната научна реалност, како и неоспорната класификација на словенските јазици.

„Македонскиот јазик има долга книжевна традиција која му претходи на датумот на неговото нормирање: почнувајќи од „Тријазичникот“ на Пулевски во 18. век, па „Абецедарот“ издаден од грчките власти во 1925 г. како и учебниците по македонски јазик издадени во Бугарија во доцните 40-ти години на минатиот век, кога почнува наставата на мајчин македонски јазик и според тогашниот попис, 63,7% од населението во Пиринска Македонија се изјаснуваат како Македонци“, велат од Здружението.

Оттаму додаваат дека за преведувачите и толкувачите, македонскиот јазик не е само алатка со којашто работат, туку дел од битието, традицијата, идентитетот, длабоко вкоренети во делата на Миладиновци, Иљоски, Рацин, на Андреевски, Јаневски, Конески.

„Јазикот на кој зборуваме, комуницираме, твориме, јазикот на кој и од кој преведуваме и толкуваме, на кој пишуваме и раскажуваме. Македонскиот јазик е жив јазик кој се изучува и говори на сите нивоа на образование, кој се користи во истражувачката и научната област, и во нашата земја и во сите земји каде што живее македонско малцинство, како и на бројни катедри во светот каде што се изучува македонистиката. Македонскиот јазик е јазикот на кој се преведени илјадници светски дела, препеани илјадници страници поезија, а од неодамна, и јазикот кој се појавува како засебен, работен јазик и во многу меѓународни институции“, велат од ЗПРМ.

Здружението впрочем и ги повика сите државни институции, останати професионални здруженија, истомисленици, пријатели на нашата земја и јазикот, да заземат став и да се огласам против ова кое Бугарија го прави, а не смее да се случува.

Слични содржини