Здружение Плоштад Слобода: Кога ќе престанат градоначалниците и Советите на Општина Центар да го отежнуваат учеството на граѓаните во урбанистичкото планирање?

од Берта Китинска

„Еден од главните механизми за изработка на плановите со кои се сместија дивоградбите од проектот на Никола Груевски за центарот на Скопје, беше спроведување на јавните презентации и расправи за плановите за време на летото, кога повеќето граѓани не се тука или избегнуваат движење и ангажман за време на горештините“, велат од Здружението Плоштад Слобода.

Оттаму додаваат дека  условите за спроведување на јавна и колективна активност заради прогласената епидемија се дополнително отежнати во моментот кога е закажана јавната расправа по повод Предлог – Детaлниот урбанистички план за градска четврт Ц01 – Мал ринг 1.

„Дополнително, специфичната планска документација која е објавена не е воопшто адаптирана на ниво разбирливо за еден просечен граѓанин. Недостасуваат 3Д прикази, анализи, и прирачници со кои ќе се обезбеди точност во информирање на јавноста. Една модерна општина мора да се залага за вакви промени ако има за цел успешна и конструктивна јавна анкета и дебата. Закажувањето и одржувањето на овие активности во спомнатите услови во најмала рака е неодговорно и потсетува на праксите на владеењето на устроението кое го уништи центарот на градот.

Што се однесува до предлог-планот, неговата досегашна изработка, материјалите достапни за јавноста, како и предложените решенија и дадени можности, постојат многу проблеми:

1.Од 2002год., а особено со изградбата на делови од проектот „Скопје 2014“, само до 2017год. се уништени повеќе од 70% од зелените површини, 25% од површините на крошните и преку 20% од дрвјата во Мал ринг. Планската дистрибуција на зеленилото е комплетно нарушена и доколку не се најде некое радикално или иновативно решение, овие загуби не можат да се надокнадат. Наместо да ја игнорира можноста за тоа, ја повикуваме Општината да нарача изработка на Стратегиска оцена за влијание на животна средина на предлог-планот. Дополнително, планот за „Мал Ринг“ треба да го евидентира зеленилото кое се наоѓа во рамки на овој опфат и со тоа, за прв пат, да му даде правна форма бидејќи урбанистичките планови се однесуваат како да не постои ни едно дрво во населбата.

2.Предложениот план е автоцентричен и пружа уште поголеми можности за концентрирање на возила во центарот, додека условите кои дестимулираат концентрација на луѓе во градот кој претендираше да биде зелена европска престолнина не се чепнати. Ја повикуваме Општината да нарача изработка на долгорочна стратегија за намалување на концентрацијата на сообраќај и последователното загадување во центарот на градот, а зголемување на протокот на јавниот превоз, како и можностите за движење со средства кои не загадуваат. Општината мора да посредува и бара од планерите соодветни сообраќајни решенија, а не да се повикува на претходно оставени состојби или дискреција на планерите од приватната фирма.

3.Криминалниот и грд проект „Скопје 2014“ продолжува да бива одобрен од сите инстанци на власта, локална и национална. Освен неостварените најави за отстранување на галиите од коритото на Вардар, се распушти Комисијата за ревизија на проектот при Министерството за култура, а спомениците-дивоградби ги има најмногу токму на овој зафат. Наместо да го користи тоа како изговор за несработеното, бараме Општината конструктивно да ангажира соодветна правна експертиза и институциите на системот во изнаоѓање на правни и плански решенија со кои спомениците и другите градби за кои се носени одлуки по нелегален пат ќе бидат прогласени за дивоградби, со што би се отворил процесот за враќање на просторот во првобитна состојба.

4.Ја повикуваме Општината да побара експертска анализа на конзерваторските основи, во кои повторно ги нема објектите од модерната на Скопје, и заедно со соодветните надлежни институци од сите нивоа да нарача нова состојба од планерите, која ќе го чува и штити постоечкото архитектонско и културно наследство.

Кога градоначалникот веќе инсистира јавната анкета и расправа да се одржуваат во овие услови, ги повикуваме него или Советот да го продолжат терминот во кој тоа ќе може да се случува барем за уште 30 дена! Потоа да го повлечат планот на доработка, а во доработката конечно да се вклучат надлежните институции кои се користат како изговор, специјализираните граѓански здруженија и професионални институции расположени да придонесат, ААМ, граѓаните не само како жители на тој зафат, туку и оние кои секојдневно го посетуваат поради работа, обврски, концентрација на јавни институции или поминување на слободното време“, велат од здружението.

Слични содржини