Подобрувањето на патната инфраструктура ќе ја направи Македонија поатрактивна и за домашните и за странските инвеститори , а особено важен дел во сето тоа ќе биде изградбата на Коридорите, вели за „Локално“, Дурим Зеќири, в.д извршен директор на Комората на Северозападна Македонија .
„Еден елемент кој што е многу важен,а кој со реализација на проектот на Коридор 8 ќе се подобри и ќе ја помогне нашата економија, е забрзување на економската активност, особено на регионите кои досега немаа пристап до модерна инфраструктура“, објаснува тој.
Со изградбата на двата Коридори во голема мера ќе бидат задоволени потребите на бизнис секторот во делот на инфраструктурата, а конкурентната способност на компаниите, според Зеќири, треба да биде приоритет во периодот што следи.
„Владата ќе треба да ги помогне компаниите да се подготват да се справат со динамиката која ќе следи, но исто така и со конкуренцијата која може дополнително да се зголеми од инвестициите“, дециден е тој.
Со изградбата на коридорите 8 и 10 д треба е да се модернизира инфраструктурата, но и да се подобрат условите за бизнис. Што говорат вашите проценки, во кој аспект најмногу ќе се почувствуваат бенефитите во однос на развојот на економијата?
-Подобрувањето на патната инфраструктура ќе ја направи нашата земја поатрактивна за инвестиции било домашни или странски. Според глобалниот индекс на конкурентност, од 141 земја, РС Македонија се наоѓа во 91-то место кога станува збор за патна поврзаност додека во сегментот за квалитет на патна инфраструктура сме рангирани на 101-ва позиција што е многу ниско имајќи предвид дека на листата се наоѓаат и држави од Азија и Африка кои се помалку развиени. Еден елемент кој што е многу важен,а кој со реализација на проектот на Коридор 8 ќе се подобри и ќе ја помогне нашата економија, е забрзување на економската активност, особено на регионите кои досега немаа пристап до модерна инфраструктура. Компаниите ќе можат во побрз рок да ги реализираат нивните активности што ќе им овозможи да го искористат дополнително добиеното време.
Станува збор за автопати со шест ленти кои секако ќе го олеснат сообраќајот, како и превозот на стока од страна на транспортните компании. Кои се делниците кои ќе бидат од особена полза на компаниите во рамки на вашата Комора и со какви проблеми од овој аспект во моментов се соочувате?
-За жал, ние како земја сме нерамномерно развиени и ова го велиме врз база на официјалните статистики кои покажуваат дека Скопскиот регион е многу понапреден од другите во сите сегменти на општеството било економија, култура и другите социјални аспекти. Затоа ваквите проекти, ќе ги помогнат и другите региони да се развијат и да го намалат јазот со Скопскиот регион со што ќе се забрза економскиот раст а особено економскиот развој.
Една од придобивките се и подобрите врски со соседите и меѓународните коридори. Што поконкретно ќез начи ова за бизнисот во Македонија?
-Досега со автопат сме биле поврзани само со земјите со кои имаме голем трговски дефицит како што се Грција и Србија, од друга страна со земјите со кои имаме позитивна надворешна трговија како што се Албанија и Косово, со нив, немаме соодветна инфраструктурна поврзаност.
Дали со изградбата на овие коридори ќе бидат во голема мерка “задоволени’’ потребите на бизнис секторот во однос на соодветна инфраструктура? Кои патишта понатаму треба да се развиваат?
-Владата ќе треба да ги помогне компаниите да се подготват да се справат со динамиката која ќе следи, но исто така и со конкуренцијата која може дополнително да се зголеми од инвестициите. Конкурентната способност на компаниите треба да биде приоритет на земјата во следниот период бидејќи истата е многу оштетена од последователните кризи кои ја опфатија нашата земја во последните три години.
Колку сме подготвени за увоз на работници од странство, имајќи предвид дека треба да им се обезбеди храна и сместување?Колкава би била нивната плата?
-Треба да се коригира перцепцијата дека странската работна сила е поевтина и дека компаниите ја увезуваат поради истата причина. Компаниите имаат потреба од работна сила и тие се свесни дека увезување на истата ќе има дополнителни компликации било финансиски или административни, но јазот креиран од недостигот на работна сила треба да се пополнува. Загрижувачки е фактот што институциите не се фокусираат на системско решение на проблемот. Младите треба да се стимулираат да останат во земјата, но треба да се има предвид дека фактор за истото не е само финансискиот аспект туку и другите општествени сегменти како што е владеењето на правото, примена на законите, образованието, животната средина итн. како клучни елементи кои влијаат врз нивната одлука за заминување.
К.В.С.