Зеленски: Ќе имаме шанса да победиме

од Симе Стоиков

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го поздрави денеска усвојувањето на нацрт-законот во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес со кој на Украина и се дава пакет воена помош од 60 милијарди долари и повика нацрт-законот што е можно поскоро да се претвори во закон со гласање во Сенатот.

„Мислам дека оваа поддршка ќе ги зајакне вооружените сили на Украина и ќе имаме шанса за победа“, рече Зеленски во интервју за американскиот NBC и повика на продолжување на испораката на оружје, особено на системи за противвоздушна одбрана.

Тој додаде дека е неопходно предлог-законот да биде одобрен во Сенатот за Украина „да добие опиплива помош за војниците на фронтот што е можно поскоро, а не за шест месеци“.

Зеленски изјави дека усвојувањето на овој закон ќе испрати силна порака до Русија дека „Вашингтон стои со Киев“ и дека Украина нема да биде „уште еден Авганистан“.

Двопартиското мнозинство во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес вчера усвои нацрт-закон со кој на Украина, Израел и сојузниците на САД во Индо-пацифичкиот регион им се доделуваат дополнителни финансиски средства во износ од вкупно 95 милијарди долари.

Слични содржини