Земјотресот што ја погоди Црна Гора почувствуван и во Македонија

од Nikola Popovski
202 прегледи

Црна Гора утрово во 4 часот и 6 минути беше погодена од земјотрес со јачина од 5,4 степени според Рихтеровата скала во подрачјето на Никшиќ на границата со Босна и Херцеговина.

Епицентарот на земјотресот бил на пет километри југозападно од Чароѓе, кој е на околу 30 километри северно од Никшиќ, а жариштето на земјотресот бил лоциран на длабочина од 14 километри.

Земјотресот бил почувствуван и во Македонија.

-Земјотрес со интензитет од III-IV степени според Европската макросеизмичка скала е почувствуван рано изутрината во Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево, Охрид, Струга и Ресен, а со интензитет од III степени во Скопје, Куманово и Велес. Епицентарот на земјотресот бил 247 километри северозападно од Скопје, во Црна Гора, со Рихтерова локална магнитуда ML5.3, соопшти Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот нема предизвикано значителни материјални штети.

Потресот бил почувствуван низ цела Црна Гора, но и во Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово и Албанија. Како што пренесуваат црногорските медиуми, главниот земјотрес бил проследен со уште 30 последователни потреси

Засега нема информации за повредени лица, ниту материјална штета.

Слични содржини