Жбогар: Ниту една земја не е имуна на корупција, разликата е во политичката волја да се спречи тоа

од desk2
237 прегледи

Искушението да се вклучиме во корупција е исто во сите земји, разликата е во тоа дали постојат институции што ќе ја спречат корупцијата, дали имате законодавство, политичка волја, или доволно јавен притисок за да ја спречите. Токму тука лежи разликата меѓу земјите. Затоа, најмногу зависи од политичката волја на владејачката елита, да се направи јавен притисок од страна на граѓанските организации или од организации што вршат мониторинг.

Ова денеска го изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар на региналната конференција за состојбите во јавните набавки „Антикорупциски механизми и улогата на засегнатите страни“, во организација на „Балкан тендер воч“, коалиција на граѓански организации од државите на Западен Балкан.

Истакна дека јавните набавки се едно од првите поглавја во преговорите за членство со ЕУ и кога станува збор за набавките, инвестирањето во јавни проекти е од клучно значење за економскиот и социјалниот развој на секое општество, под услов парите на граѓаните да се вложуваат во инфраструктурни проекти што ним ќе им служат.

– Кога ќе прошетате низ Скопје ќе видите дека тоа беше случај во последните години. Тоа се однесува на училиштата, болниците, или пак изградба на брани. Овие проекти се со големи буџети и што подразбираат комплексни планови за нивна испорака. Но од друга страна, овие проекти, имајќи го предвид буџетот, обезбедуваат голем број можности за корупција. Оттука истрагите на СЈО даваат голем број примери за тоа како корупцијата била направена во рамки на јавни набавки, дека некои компании или фирми биле доделувани договори поради нивни блиски врски со партиите што се на власт, или како некои компании меѓусебе си ја договарале конкуренцијата, за да си го поделат „колачот“, рече Жбогар.

Наведе дека една од последиците во корпуцијата во јавните набавки е зголемениот трошок за услугите и загуба на јавните средства во интерес на поединци, како и намалување на квалитетот во услугите.

Оцени дека недоволната доверба на граѓаните во институциите како последица на копруцпијата, го блокира целокупниот развој на општествата, наведувајќи го примерот со земјава, за тоа како лошата борба против корупцијата, како што рече, доведе до недоволна доверба и до политичка криза во земјата, што траеше долги години.

– Јавните набавки треба да бидат следени и мониторирани од граѓанските организации, и токму затоа нивната улога е многу важна. Во таа насока ЕК обезбедува поддршка на различни проекти и во исто време презентираше шест приоротетни области за подобрување на системот за јавни набавки – соодветно планирање на потребите и навремено истражување на пазарот за цените и достапноста, луѓето кои работат на јавни набавки да не бидат поврзани со политички партии, јавните набавки треба да се дигитализираат за полесно да се спречуваат злоупотребите, процесите да бидат потранспарентни и да бидат предмет на мониторинг од релеватните институции, а исто така и законот да ги заштити свиркачите кои укажуваат на корупција во институциите.

Министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека во изминатата година и пол Министерството работело на ново законско решение што ќе соодвевствува со европската пракса и ќе обезбеди транспарентен и ефикасен систем за јавни набавки.

– Затоа изготвивме нов закон за јавни набавки, и исто така правевме дебати во кои го слушавме гласот на невладините организации а дел од нивните предлози беа преточени во решенија. Променети се многу работи во новиот закон, воведовме економски најповолна вредност, како критериум за доделување на договорите и на тој начин добиваме најдобра вредност за средствата што ги вложуваме, работиме и на подобрување на транспарентноста, тоа значи дека институциите се задолжени и пред законот да стапи во сила, да објавуваат повеќе елементи и податоци што се важни за јавните набавки, во целост мора да ги објават склучените договори и анекси на електронскиот систем за јавни набавки, а порано јавноста немаше увид во тоа, посочи тој.

Истакна дека со новиот закон се воведуваат и низа антикорупциски правила со кои ќе се спречи судирот на интереси при вршењето на јавни набавки, а законот ќе вкучува и  повеќе можности за малите и средни претријатија во набавките, да ги штити подизведувачите, како и вработените кои учествуваат во договорот.

– Ако сакаме да одиме чекор напред треба да работиме целосно на обезбедување транспарентност бидејќи јавноста, граѓанските организации, медиумите се многу подобар контролор за тоа како се трошат парите на граѓаните што се собираат преку даноци, отколку некоја комисија или институција, и ако сакаме да одиме напред треба целосно и да ги отвориме податоците и да работиме на финансиската писменост, заклучи Тевдовски.

На конференцијата беше дистрибуиран и извештај за јавните набавки „Извештај во сенка – Јавните набавки во Македонија: меѓу старото и новото“, изработен од Балкан тендер воч и Центарот за граѓански комуникации.

Во извештајот се наведува дека состојбата со јавните набавки во Македонија во 2018 се уште се наоѓа меѓу се уште важечкиот „стар“ и многу критикуван Закон за јавни набавки и изработениот „нов“ закон, што би требало да ги поправи работите, но се уште чека на усвојување во Собранието.

Податоците од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН), владината он-лајн платформа преку која се спроведуваат јавните набавки, покажуваат рекорден пад од 35 отсто на вредноста на јавните набавки во Македонија во 2017, во однос на претходната година. Ако во 2016 достигнувале 962 милиони евра, во 2017 паднале на само 625 милиони евра и се намалиле за 337 милиони евра. Досега нема официјално објаснување за ова огромно намалување на вредноста на јавните набавки во 2017 – ниво, кое според досега расположливите податоци ќе се задржи и во 2018, се наведува во извештајот.

На конференцијата учествуваат релевантни чинители од државните институции, приватниот сектор, медиумите и граѓанските организации од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора. Конференцијата е дел од проектот финансиран од ЕУ чија цел е зголемување на влијанието на граѓанските организации од Западен Балкан врз антикорупциските политики и практики во јавните набавки преку искористување на процесот на европските интеграции како трансформативна агенда.

Слични содржини