Жбогар: Посилни односи со соседите од ЕУ, значи поголема поддршка од ЕУ

од desk2
72 прегледи

Европската Унија очекува наскоро да се финализира договорот за добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија, изјави евроамбасадорот самуел Жбогар, додавајќи дека секогаш е добро да се имаат добри односи со соседните земјите.

Одговарајќи на новинарско прашање за договорот меѓу двете земји, Жбогар потсети на формирањето на самата ЕУ, чија срж се добрососедските односи.

„Потребно е сите земји да ги решат билатералните прашања со соседите и со земјите членки на ЕУ во регионот. Никогаш нема да погрешите ако инвестирате во пријателство со соседите. Мора да имате круг на пријатели околу вас. Првите чекори се навистина охрабрувачки. Ние не сме вклучени во договорот, но се надеваме дека ќе биде финализиран и потпишан до август. Тоа ќе покаже одлучност на самата Влада за повторно да го гради овој круг на пријатели со соседите“, рече Жбогар.

Тој пред новинарите кажа дека во ЕУ се охрабрени од неодамнешните посети на премиерот во Софија и на министерот за надворешни работи во Атина.

„Никогаш не правите грешка ако градите пријателство. Колку се посилни односите со соседите кои се дел од европското семејство, посочи евроамбасадорот, толку земјава ќе има и поголема поддршка од истите во ЕУ“, изјави Жбогар и рече дека се надева оти договорот ќе биде и тема на дебата во Собранието.

Евроамбасадорот Жбогар и италијанскиот амбасадор Карло Ромео одржаа заедничка прес-конференција за самитот ЕУ-Западен Балкан што ќе се одржи на 12 јули во Трст, во рамки на Берлинскиот процес.

Самитот, според амбасадорот Ромео, ќе помогне за придвижување на евроинтеграциите на регионот и ќе донесе конкретен исчекор во однос на неговото инфраструктурно и економско поврзување“.

Тој истакна дека самитот е организиран на највисоко ниво и на него ќе учествуваат покрај премиерите на шесте земји од Западен Балкан и министрите за економија и транспорт и високи претставници на ЕУ и на ЕК, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини, еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Јохане Хан, како и еврокомесарот за транспорт Виолета Болц.

„По неколкуте тензии сега политичката слика во регионот е попозитивна. Се надевам дека Трст ќе донесе едно придвижување, исчекор и важен пресврт, дека ќе придонесе да се смени перцепцијата за ЕУ во регионот, и обратно на ЕУ спрема регионот. Се надевам дека лидерите на шесте земји ќе дојдат во Трст во добар дух и со конструктивно расположение и ќе ја искористат политичката можност што ја дава овој самит да се потврдат себеси како реформски и проевропски лидери“, изјави амбасадорот Ромео.