Здружението „Роде“ ги повика граѓаните во Хрватска да остават црвен отисок од својата дланка на сите јавни простори за да се промени состојбата во здравството, откако деновиве беа објавени повеќе од 400 случаи на сведоѓштва за искуството на жените во болниците, кога врз нив биле извршувани операции без анестезија.

Ги повикаа граѓаните преку фејсбук да остават црвена трага на институциите, на болниците, домовите на здравје, но и судовите, факултетите, културните установи и различни јавни места видливи за поголем број луѓе, за болните зафати да бидат минато.
Се надеваат дека ќе ја променат праксата „на понижувачки и болни постапки без анестезија“.
Повикани се да остават црвена трага и да објават фотографии со хаштагот #prekinimosutnju и #ostavimotrag на социјалните мрежи.
Темата за бруталните зафати без анестезија во хрватските болници се актуелизира откако застапничката од Мост, Ивана Лесандриќ во Парламентот објави дека во сплитската болница извршиле киретажа без анестезија.
Откако стотици случаи беа јавно објавени, Министерството за здравје објави дека ќе го испита секој конкретен случај и дека инспекциите ќе ги прочешлаат болниците.