Граѓаните на Ново Маало преку соопштение им порачаа на, како што ги нарекуваат, „лажните борци за екологијата од „Зелен хуман град“ и „Шанса за Центар“ да не помислуваат да ја повикуваат Општина Центар за суспензија на ДУП-от кај „Холидеј Ин“.
„Доста ни е од манипуланти и самопрогласени борци за екологија кои со целосно уредени животи, изградени куќи и станови се борат за паркингот на кој нема ништо друго освен распукан бетон, многу прашина и нашите распаднати куќи кои 70 години не можеме да ги поправиме.
Потсетуваме дека Министерството за транспорт и врски веќе еднаш се изјасни за инцијативата за суспензија како неоснована и порачуваме да се престане со опструкциите“, реагираат граѓаните.
Оттаму ги повикаа да престанат да држат непотребни прес-конференции кои „не се ништо друго освен за нивна политичка промоција“.
„Зелен хуман град“ и „Шанса за Центар“ се во Советот на општината и како претставници на институциите тие треба да ни служат нам, а не да нè замајуваат 70 години. Порачуваме на Општина Центар да не подлегнува на притисоците од овие лажни групи бидејќи нема да прифатиме никаква присилна суспензија. Предупредуваме и на Советот на општината, и на градоначалникот и на сите други институции на кои тие се повикуваат дека остро ќе протестираме и ќе се спротивставиме ако било што се запре. Од ова нема да отстапиме!“, се додава во реакцијата.