Почетна / Актуелно / Жителите на Шупли Камен бараат државата да ги контролира компаниите кои вршат експлоатација на песок во Пчиња

Жителите на Шупли Камен бараат државата да ги контролира компаниите кои вршат експлоатација на песок во Пчиња

Жителите на кумановското село Шупли Камен, денеска протестираа и побараа од државата да преземе мерки против две компании кои вршат експлоатација на песок на реката Пчиња на потегот од кај мостот до спортското игралиште. Тие обвинуваат дека поради експлоатацијата се загрозува животната средина во ова подрачје, дека им пресушуваат бунарите и дека немаат пристап до нивите од другата страна на реката.

Драги Јовановски во име на жителите изјави дека компаниите што експлоатираат песок не водат грижа за уредувањето на речното корито, а надлежните не вршат  соодветен надзор. Жителите велат дека нивото на водата е спуштено, дека нема можност граѓаните да се капат и да се лови риба. Месното население не може да помине низ реката и да ги обработува нивите. Од правта што ја предизвикуваат камионите при транспорт на песокот се крева прашина и се уништуваат овошните и раноградинарските култури.

-Месното население бара од надлежните органи да го одземат одобрението за концесија на песокот бидејќи, компаниите не се придружуваат кон договорените обврски и изготвениот и усвоен елаборат за уредување на речното корито, апелираме и го повикуваме ОЈО и МВР согласно своите надлежности да го испитаат ова криминално исцрпување на песокот во реката Пчиња во атарот  на село Шупли Камен и доколку утврдат злоупотреби да си преземат санкции кон фирмите, рече Јовановски.

Жителите велат дека се обратиле до општината, градоначалникот, инспекторатот, Министерството за животна средина и просторно планирање, до СВР Куманово, но се пожалија дека институциите меѓусебе си ја префрлаат надлежноста. Тие велат дека ќе продолжат со протести и во иднина, најавија пријави и побараа компаниите да извршат премостување за да можат земјоделците да си ги ожнеат нивите од другата страна на реката.

loading...