„Златната палма“ во Кан zaјапонскиот режисер Хироказу Коре-Еда

од desk4
107 прегледи

Јапонскиот режисер Хироказу Коре-Еда ја освои главната награда на 71-виот филмски фестивал во Кан – „Златната палма“, соопштија агенциите. Тој беше награден за филмот „Семејно прашање“ (оригинален наслов „Manbiki kazoku“).

Полскиот режисер Павел Павликовски доби наградата за најдобра режија за мелодрамата „Студена војна“ (Zimna wojna). Павликовски е награден во Кан за прв пат, но е носител на „Оскар“ за најдобар странски филм во 2005 година за црно-белата драма „Ида“ (Ida).

Кинематографката од Либан Нади Лабаки ја доби наградата на жирито за социјалната драма „Капернаум“ (Capernaum) за судбината на децата жртви на насилство во поделениот од социјални проблеми, современ Бејрут.

Наградата за најдобро сценарио беше доделена на два филма – на Италијанката Аличе Рорвахер за филмот „Среќниот Лазар“ (Lazzaro felice) и на филмот „Три лица“ (Se rokh) на иранскиот режисер Џафар Панахи, кој е и сценарист на филмот.

Американецот Спајк Ли, кој не учествувал во Кан 27 години, беше награден со Големата награда (Grand Prix) за „BlacKkKlansman“. Политичкиот филм, во кој режисерот од Бруклин го осуди истовремено расизмот, крајната десница и претседателот Доналд Трамп, започнува со приказната на црн полицаец Рон Столворт, кој влегол во Кју Клукс Клан во 1978 година, а завршува со настаните во Шарлотсвил во Вирџинија во август 2017 година.

Филмот на белгискиот режисер Лукас Донт „Девојка“ (Girl) беше награден со „Златна камера“. Филмот на фламанецот учествуваше во програмата „Посебен поглед“ и порано денеска беше награден и со наградата на Меѓународната асоцијација на кино-критичарите „FIPRESCI“.

Италијанскиот актер Марчело Фонте беше награден со најдобра машка награда за бруталната криминална драма „Dogman“ во режија на Матео Гароне.

Казахстанската актерка Самал Есламова беше удостоена со наградата за најдобра женска улога за главната улога во рускиот филм „Ајка“ на режисерот Сергеј Дворцевој, кој исто така е роден во Казахстан – социјална драма, која раскажува приказна за млада илегална имигрантка од Киргистан – Ајка, која е принудена да се откаже од своето новороденче и се обидува да преживее во суровата реалност на современата Москва.