ЗНМ и ССНМ: Итни мерки за олеснување на работата на медиумите во овој тежок период

од Aleksandar Todeski

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) бараат од Владата на Република Северна Македонија да донесе итни мерки за олеснување на работата на медиумите во овој исклучително тежок период.

– Нашите првични анализи покажуваат дека се потребни интервентни мерки во насока на финансиска поткрепа на новинарите и медиумските работници. Сметаме дека тие мерки можат да одат во две насоки. Да се доделат финансиски средства по вработен во висина на минималната плата, или сите медиуми да се ослободат од плаќање придонеси во следните два месеци. Истовремено бараме одложување од два месеци на плаќањето ДДВ кај фирмите кои се бават со медиумска дејност. По овие два месеци ќе се направи нова проценка со цел да се утврди дали има потреба мерките да бидат продолжени, се вели во соопштението на на Здрушението на новинари на Македонија.

Во услови на глобална пандемија на коронавирусот, се посочува во соопштението, ваквите мерки ќе им овозможат на медиумите полесно да го пребродат овој тежок период кој за жал со себе носи негативни економски последици. Тие бараат главен предуслов за користење на овие бенефиции да биде неотпуштање на вработените (новинари и медиумски работници) во периодот додека траат мерките.

– Ситуацијата во која се наоѓаме длабоко го погоди и приватниот сектор, а земајќи го тоа во предвид за медиумите станува сè потешко да опстојат на пазарот бидејќи огласувачите во овој период ги намалија своите реклами од медиумите. Со ваквите мерки ќе овозможиме сигурно работно место за сите вработени во медиумскиот сектор. Така ќе се се олесни финансискиот притисок врз медиумите и новинарите кои во оваа криза имаат клучна улога за информирање на јавноста, се вели во соопштението.

ЗНМ, ССНМ и другите медиумски организации стојат на располагање во овој период со цел заедничко изнаоѓање на решенија за олеснување на работата на медиумите и новинарите.

Слични содржини