ЗНМ и ССНМ: Осуда за омаловажувачкиот и непримерен однос на Јакимовски кон новинарите

од Берта Китинска

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) го осудуваат денешниот непримерен и омаловажувачки однос на градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски кон новинарите за време на изјавата пред Кривичниот суд.

-На новинарските прашања упатени до градоначалникот Јакимовски денес пред судот, тој наместо да одговори на новинарските прашања поврзани со судската постапка во која тој и неколкумина се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување како претходен градоначалник на општината Карпош, тој изјави дека имал одлични менаџерски способности и дека прашањата упатени од страна на новинарите кон него биле ,,смешни”. Исто така тој ги обвини новинарите дека денешното присуство на медиумите и новинарите на првото рочиште било оркестрирано од страна на ,,еден центар”.

ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека градоначалниците се избрани функционери кои се платени од страна на граѓаните и тие имаат обврска да негуваат професионален однос кон новинарите и медиумските работници со цел да даваат отчет за својата работа и во ниту еден случај лична пресметка на јавни настани не може да биде оправдана. ЗНМ и ССНМ ги упатуваат засегнатите политичари да имаат поголема култура во јавната комуникација и односот со медиумските работници бидејќи новинарите служат да ја информираат јавноста а не да задоволат нечии партиски очекувања.ЗНМ и ССНМ апелираат јавните личности, избраните функционери да се воздржат од изјави кои што на било кој начин може да се сфатат како етикетирање на новинарите, бидејќи тоа не е во духот на европските и демократските вредности, стои во соопштението на ЗНМ и ССНМ.

Слични содржини