На денешната попладневна конференција за медиумите организирана од Државната изборна комисија, претседателот на ДИК Александар Даштевски имаше непрофесионален и омаловажувачки однос кон дел од новинарите во делот кога се обидуваше да одговара на новинарските прашања, велат од Здружението на новинари на Македонија.
Според нив, на новинарско прашање од страна на новинарка во врска со најавата за продолжување на рокот за гласање после 19 часот како и за најавата за продолжување на медиумскиот молк тој наместо да одговори конкретно имаше вербална расправа со колешката.
-Имено Даштевски пропушти да даде конкретен одговор и истовремено се интересираше колешката од која телевизија е по што и се обрати со зборовите: „треба да се информирате добро пред да поставите некое прашање“ како и тоа дека новинарката треба да го чита законот пред да прашува.
Го потсетуваме Претседателот Даштевски дека според Изборниот законик, член 31, ДИК има обврска да ја информира и едуцира јавноста за начинот на гласање и за остварување на избирачкото право; Од друга страна, новинарот има право да изрази мислење и да постави прашање без разлика од кој медиум доаѓа и дали истото прашање му се допаѓа на Претседателот на ДИК или не.
Оттука, потсетуваме дека новинарите и медиумите играат клучна улога во процесот на изборите, не само да направат увид на работата на надлежните институции, туку и да им овозможат на граѓаните да ги имаат сите потребни информации. За да биде задоволено правото за информирање, посебно на денот на изборите, нужно е Државната изборна комисија и сите останати институции да се отворени кон новинарите преку навремено и целосно давање на информации на неселективен начин.
Освен ова, во текот на денот до ЗНМ пристигнаа неколку поплаки од страна на онлајн медиуми и тоа за попречување на нивната работа од страна на симпатизери на политички партии како и за несоодветен однос на припадници на МВР во Скопје но и во неколку други градови. Со цел да не се остави впечаток во јавноста дека органите за прогон ги игнорираат овие случки бараме нивно итно расчистување од страна на полицијата и брзо информирање на јавноста, стои во реакцијата на ЗНМ.