Бевме предупредени. Старт-ап инвеститорот и основач на Нетскејп, Марк Андерсен, во 2011 година напиша есеј насловен како „Зошто софтверот го јаде светот”. Но, не го сфативме Андресен сериозно; мислевме дека тоа е само метафора. Сега се соочуваме со предизвикот да го извлечеме светот од вилиците на монополите на интернет платформите.
Јас бев оптимист за технологијата. Во 35-годишната кариера, инвестирајќи во најдоброто и најблескавото во Силициумската долина, имав среќа да бидам дел од персоналните компјутери, мобилните комуникации, интернетот и индустријата за социјално вмрежување. Меѓу главните моменти од мојата кариера беа раните инвестиции во Гугл и Амазон и тоа што бев ментор на основачот на Фејсбук, Марк Цукерберг од 2006 до 2010 година.
Секој нов бран технологија ја зголемуваше продуктивноста и пристапот до знаење. Секоја нова платформа беше полесна за користење и поудобна. Технологијата ја придвижува глобализацијата и економскиот раст. Со децении, го правеше светот подобро место. Ние претпоставувавме дека тоа секогаш ќе биде така.
Потоа дојде 2016 година, кога интернетот покажа две темни страни. Едната е поврзана со индивидуалните корисници. Паметните телефони со ЛТЕ мобилна инфраструктура ја создадоа првата платформа за испорака на содржина која беше достапна во секој дел од денот, трансформирајќи ја технолошката индустрија и животот на две милијарди корисници. Со мал или никаков регулаторен надзор во поголемиот дел од светот, компаниите како што се Фејсбук, Гугл, Амазон, Алибаба и Тенсент користеа техники кои се вообичаени во пропагандата и коцкањето во казино, како што се постојани известувања и променливи награди, за да се поттикне психолошка зависност.
Другата темна страна е геополитичка. Во САД, Западна Европа и Азија, интернет платформите, особено Фејсбук, им овозможуваат на моќните да им наштетат на немоќните во политиката, надворешната политика и трговијата. На изборите во Европа и во САД постојано беше демонстрирано дека автоматизираните социјални мрежи можат да бидат искористени за да ја поткопаат демократијата.
Референдумот за Брегзит и претседателските избори во САД во 2016 година исто така откриваат дека Фејсбук обезбедил значителна релативна предност на негативните пораки пред позитивните. Авторитарните влади можат да го користат Фејсбук за да ја промовираат јавната поддршка за репресивните политики, како што можеби се случува сега во Мјанмар, Камбоџа, Филипини и на други места. Во некои случаи, Фејсбук всушност обезбедува поддршка за таквите влади, како што тоа го прави и за сите големи клиенти.
Уверен сум дека основачите на Фејсбук, Гугл и другите големи интернет платформи немале намера да предизвикаат штета кога ги граделе своите бизнис модели. Беа млади претприемачи, гладни за успех. Тие минаа години во градење на огромна публика преку реорганизирање на онлајн светот околу група апликации кои беа поперсонализирани, поудобни и полесни за користење отколку претходните. И тие не направија обид да ги валоризираат своите напори се додека корисниците не се „навлекоа“. Бизнис моделите за рекламирање, кои тие ги избраа, се темелеа на персонализација, што им овозможи на огласувачите да ги насочуваат своите пораки со невидена прецизност.
Но, потоа дојде паметниот телефон, кој ги трансформираше сите медиуми и ефективно ги стави Фејсбук, Гугл и неколку други под контрола на протокот на информации до корисниците. Филтрите, кои им го даваат на корисниците „она што го сакаат” влијаеа на поларизација на популациите и еродирање на легитимноста на основните демократски институции (особено, слободниот печат). И автоматизацијата, што ги направи интернет платформи толку профитабилни, сега ги остави ранливи на манипулација од страна на малигни актери и тоа насекаде – а не само на авторитарни влади кои се непријателски настроени кон демократијата.
Како што не предупреди Андресен, овие компании, со нивната глобална амбиција и дофат, ја јадат светската економија. Во тој процес, тие ги прифаќаат верзиите на корпоративната филозофија на Фејсбук – „движи се брзо, па и расипувајќи ги нештата“ – без оглед на влијанието врз луѓето, институциите и демократијата. Големо малцинство граѓани во развиениот свет живеат во филтер меурчиња создадени од овие платформи – дигитална лажна реалност, во која постоечките верувања стануваат поригидни и екстремни.
Во САД, приближно една третина од возрасната популација стана отпорна на нови идеи, вклучувајќи докажани факти. Таквите луѓе се лесни за манипулација, концепт што поранешниот дизајнер на етичкиот дизајн на Гугл, Тристан Харис, го нарекува „хакирање на мозокот”.
Западните демократии не се подготвени да се справат со оваа закана. САД немаат ефективна регулаторна рамка за интернет платформи и нема политичка волја да се создаде. Европската унија има и регулаторна рамка и неопходна политичка волја, но ништо што е соодветно на предизвикот. Неодамнешната пресуда на ЕУ против Гугл – рекордни 2,7 милијарди долари за антиконкурентско однесување – беше добро замислена, но недоволна. Гугл поднесе жалба, а нејзините инвеститори ја отфрлија. Тоа може да биде добар почеток, но јасно, дека беше недоволно.
Ние сме во критична ситуација. Свесноста за ризиците поставени од интернет платформи се зголемува, но погодностите на производите и психолошката зависност од нив се такви што може да потрае една цела генерација за да се изврши промена од страна на корисникот, како што беше случајот и со кампањите против пушењето. Признавањето на корозивниот ефект на монополските платформите врз конкуренцијата и иновативноста е поголема во Европа отколку во САД, но никој не најде ефикасна регулаторна стратегија. Свеста дека платформите може да се манипулираат за да се поткопа демократијата исто така се зголемува, но западните влади допрва треба да осмислат одбрана од неа.
Предизвиците што ги поставуваат интернет платформите бараат нови пристапи, надвор од спроведувањето на антимонополски цели. Ние мора да ги препознаеме и да се поставиме пред овие предизвици како пред закана по јавното здравје. Една можност е социјалните медиуми да се третираат на начин сличен на тутунот и алкохолот, комбинирајќи ги едукацијата и регулативата.
За да го вратиме балансот во нашите животи и, да се надеваме и билансот во нашата политика, време е да ги нарушиме нарушувачите.
Роџер Мекнејми е ко-основач на Елевејшн партнерс и еден од првите инвеститори во Фејсбук, Гугл и Амазон