Зошто Исланд и Данска ги ублажуваат мерките против коронавирусот, порано од предвиденото?

од Nikola Popovski
155 прегледи

Исланд денеска објави дека постепено ќе ги намалува мерките за коронавирус од 4 мај со отворање на средните училишта и универзитети, додека Данска има намера да го стори тоа многу порано.

Затворени скоро еден месец, средните училишта и универзитетите во Исланд ќе можат повторно да започнат со часовите на почетокот на мај, а ќе се отворат и фризерските салони и музеите. Иако ограничувањата за собирање ќе продолжат да бидат на сила, тие ќе се зголемат од 20 на 50 лица.

Базените, спортските сали, кината, баровите и рестораните, од друга страна, ќе останат затворени.

Санитарните власти минатата недела објавијиле дека Исланд го достигнал врвот на епидемијата, при што бројот на нови инфекции паѓа четири дена по ред.

Исланд има нешто помалку од 365.000 жители, од кои инфекција со коронавирус е потврдена кај 1720 лица, а осуммина починале

Данска исто така ги ублажува мерките

Данска сака да ги олесни мерките порано од предвиденото, бидејќи бројот на хоспитализации на пациенти со коронавирус опаѓа, рече во вторникот премиерката Мете Фредериксен.

„Бројот на нови хоспитализирани не се зголемува. И бројот на лица кои се на интензивна нега исто така паѓа“, рече Фредериксен на прес-конференција, но не ги разјасни деталите за предлогот на владата.

Предлогот ќе се расправа во текот на целиот ден со другите парламентарни партии, додаде таа.

Данската премиерка: Мора да одиме чекор по чекор

Се чини дека ширењето на коронавирусот во таа земја во северна Европа е под контрола и владата сака повторно да ја започне економијата, но премиерот вели дека е потребна претпазливост.

„Ова веројатно ќе изгледа малку како да шетаме по јаже. Ако останеме на исто место премногу долго, би можеле да паднеме, ако одиме премногу брзо, може да биде погрешно. Мораме да одиме чекор по чекор”, рече премиерката Фредериксен.

Данска, со население од 5,8 милиони, е една од првите европски земји што ги затвори своите граници на 13 март. Училиштата, кафулињата и продавниците беа затворени истата недела, забранети беа собири на повеќе од десет луѓе, како и посетите на болници.

„Единствениот начин на кој можевме да избегнеме трагични сценарија, како во Италија и САД беше да дејствуваме брзо“, рече Фредериксен.