Украинскиот претседател Володимир Зеленски се појави на Фокс њуз каде се осврна на хаосот и расправијата што настанаа во Белата куќа за време на средбата со Доналд Трамп и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.
Расправијата, на која сведочеше целиот свет, со оглед на тоа што се одвиваше пред камери, дополнително ги влоши односите меѓу Зеленски и Трамп, а на крајот на краиштата, беше откажана заедничката прес-конференција на која требаше да потпишат договор за минерали.
Откако ја напушти Белата куќа, Зеленски отиде на „Фокс њуз“ каде водителот Брет Баер го праша дали мисли дека врската со Трамп може да се спаси.
„Да, се разбира, затоа што тоа се односи на повеќе од двајца претседатели. Тоа се историски односи, силни односи меѓу нашиот народ и затоа му се заблагодарив на американскиот народ. Се разбира, благодарен на претседателот и, се разбира, на Конгресот, но пред сè на вашиот народ. Вашиот народ помогна да се спаси нашиот народ. Ние навистина сакавме да ги имаме овие силни односи и каде што е важно, ќе продолжиме да ги имаме“, рече Зеленски, нагласувајќи дека нема намера да се извинува.
Тој исто така рече дека не мислел дека кажал ништо лошо за време на неговиот престој во Белата куќа, но нагласи дека ваквиот пристап е лош за двете страни.
„Само сакам да бидам искрен, и само сакам нашите партнери да ја разберат ситуацијата правилно и сакам се да разберам правилно. Се работи за тоа да не го изгубиме нашето пријателство“, рече тој.
Тој ги образложи и своите реакции на одредени изјави на американското раководство.
„Кога, на пример, велат дека Украина е речиси уништена, дека нашите војници побегнале, дека тие не се херои, дека Украина изгубила милиони цивили, дека нејзиниот претседател е диктатор. Каква е реакцијата? Реакцијата е, каде е нашето пријателство меѓу Украина и Соединетите Американски Држави? Тоа е чувството“, рече Зеленски.
Тој истакнува дека ништо во војната не е смешно или бајковито.
„Ова е реалниот живот. Тоа го кажав и јас. Бевме во дијалог, а потоа истите работи почнаа да се повторуваат. Тоа не е добар пат меѓу партнерите и пријателите“, рече тој.
Тој одговори и на прашањето дали мисли дека Трамп ја планирал борбата.
„Не знам. Беше тешка ситуација бидејќи бевме многу отворени, многу директни“, заклучи украинскиот претседател Володимир Зеленски.