Вилијам Мекнил Помладиот (22), студент по биологија на универзитетот Ливингстон во Северна Каролина, завршил со потрес на мозокот, скршен заб, и конци, откако полицајци во Флорида насила го извлекле од автомобилот при сообраќајна контрола во февруари. Снимката на инцидентот, која е направена со камерата во неговиот автомобил, предизвика огорченост на социјалните мрежи, откако постигна голема гледаност изминатиот викенд.
На снимката се гледа како Мекнил, со кренати раце, прашува зошто е запрен и бара да разговара со претпоставениот, но полицајците го кршат прозорецот, го удираат и го извлекуваат од автомобилот. Еден полицаец потоа шест пати со раката го удира по бутот додека лежи на земја. Во извештајот се наведува дека посегнал по нож во автомобилот, што адвокатите на Мекнил го оспоруваат и го нарекуваат лажно тврдење, истакнувајќи оти на снимката се гледа дека Мекнил не посегнува по ништо.
Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис застана во одбрана на полицајците, иако признава дека не ја видел снимката. Локалниот шефив Т. К. Вотерс покренал интерна истрага, но Канцеларијата на државниот обвинител веќе „пресудил“ дека полицајците не направиле кривично дело. Таа одлука за адвокатите на Мекнил е „замачкување очи“.
Мекнил по апсењето признал вина за возење со одземена возачка дозвола и пружање отпор без насилство.
„Само сакав да знам зошто ме запираат. Знаев дека не сум крив за ништо. Бев преплашен“, рече Мекнил на конференцијата за медиумите.