Ангажирањето на Секуловски од „Омерта“, фрла нови моменти за убиството на Јанушев

од desk4

 

Полицијата се уште трага по убиецот на Мартин Јанушев. Лицето Филип Секуловски, кое МВР го сомничи за убиството 22 дена е недостапен за органите на прогонот.

Но, пиштолот што е пронајден на местото на убиството на Јануешев, не е оружјето со кое е извршено убиството. Министерот Оливер Спасовски, во интервју за Телевизија 24 посочува дека пиштолот со себе го носел убиениот, а го поседувал нелегално.

„Имало претходно извршено кривично дело кражба во населба Козле на тој пиштол. Врз основа на увидот и вештачењето коешто е направено е констатирано дека тој пиштол е од таа кражба. Тоа значи дека е нелегален пиштол којшто го поседувал убиениот и според сознанијата и информациите коишто ги добиваме од сведоците е дека бил во него повеќе време“, изјави Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

Но, истрагата отвора и нови сомнежи. Се утврдуваат мотивите за убиството, се прегледуваат и преписките од мобилниот телефон на убиениот… Се трага и по одговорите дали и кој му помагал на убиецот да избега… Отворено е и прашањето зошто Агенцијата за обезбедување Омерта го ангажирала лицето Филип Секуловски, кое полицијата го сомничи за убиството на Јанушев.

„Имајќи предвид дека лицето Ф.С. коешто било на издржување казна затвор било ангажирано да работи во оваа агенција Омерта, фрла нови моменти во оваа истрага во однос на оваа истрага во која треба да се движи. Затоа и во јавноста се спомнува агенцијата „Гепард“, односно нејзината подружница „Омерта“, зошто ова лице било повикано да извршува одредени работи во нивно име додека се наоѓа на издржување на казната затвор, сето тоа мора да биде проверено и затоа во овој дел и затоа се прават проверки меѓутоа и корелации“, вели Спасовски.

Министерот Спасовски, пак вели дека за убиството на Дилавер Бојку, кое се случи во август годинава, истрагата оди поспоро, бидејќи нема сведоци кои можат да го потврдат настанот ниту пак снимки кои би помогнале во истрагата.

Спасовски не сакаше да соопшти кои се лицата што на поранешните разузнавачи Грујевски и Бошковски им помагале да избегаат од земјава, но им биле и поддршка во Солун, бидејќи така вели може да се наштети на истрагата која е во тек, но додава дека сите оние кои им помагале ќе сносат одговорност.

Слични содржини